Во воведните 48 меча од групната фаза, 96-те тима постигнаа 157 гола, што е просек од 3,27 погодоци по натпревар
Фудбалските клубови во трите европски купа забележаа голема ефикасност во првото коло на новата сезона, постигнувајќи вкупно 157 гола на 48-те натпревари во групната фаза во Лигата на шампионите (ЛШ), Лига Европа (ЛЕ) и во Конференциската лига (КЛ). Со тоа 96-те тима забележаа просек од 3,27 гола по натпревар и тоа е убедливо најефикасното прво коло откако од пред три сезони се играат три купа во организација на Европската фудбалска унија (УЕФА).
Во Лигата на шампионите 32-та тима постигнаа 48 гола, рамно три по натпревар, во Лига Европа ефикасноста беше поголема за четири гола, за просек од 3,25 по меч, а во Конференциската лига екипите постигнаа 57 погодоци, со просек од 3,56 гола по средба. Во минатата сезона во првите натпревари на трите континентални купа беа постигнати вкупно 124 погодоци, а една сезона пред тоа 123.
Со по седум гола најефикасни средби сега беа Баерн – Манчестер јунајтед (4-3, во Лигата на шампионите) и Зрињски – АЗ (4-3, во Конференциската лига), а шест погодоци имаше на дуелите Ајакс – Марсеј (3-3, во Лига Европа) и Динамо – Астана (5-1, во Конференциската лига). Вкупно на 48-те натпревари во првото коло на трите купа само два завршија без голови. Н.М.
ЕФИКАСНОСТ ВО ПРВОТО КОЛО
КУП ГОЛ. ПРОСЕК
ЛШ 48 3,00
ЛЕ 52 3,25
КЛ 57 3,56
Вкупно 157 3,27
ЛШ – Лига на шампионите, ЛЕ – Лига Европа, КЛ – Конференциска лига