ФУДБАЛ

Аргентинците се без пораз на 35 меча, а последен пат загубиле на 2 јули 2019 од Бразил, во полуфиналето на Копа Америка

Лионел Меси со двата гола на пријателскиот натпревар против Јамајка (3-0), во Њу Џерси (САД), ја одбележа 100-та победа во дресот на Аргентина, која, пак, е во серија од 35 меча без пораз, само две помалку од рекордните 37 на Италија, во периодот помеѓу 10 октомври 2018 и 7 октомври 2021 година.

Меси (35), кој влезе во игра во 56. минута, има дадено 90 гола на рекордните 164 настапи за Аргентина, на која мечот против Јамајка ѝ беше последен пред Светското првенство (СП) во Катар. Тимот предводен од селекторот Лионел Скалони последниот меч го загуби на 2 јули 2019 година од Бразил во полуфиналето на Копа Америка.

Без пораз на по 35 меча, како и Аргентина, може да се пофалат Бразил и Шпанија. „Кариоките“, кои беа првите што стигнаа до таа бројка, триумфалниот поход го започнаа во 1993-та, што потраја до 1996 година, а во меѓувреме ја освоија и светската титула во САД 1994 година. „Црвената фурија“, пак, подвигот го забележа во периодот помеѓу 2007 и 2009 година, со триумф на Европското првенство (ЕП) 2008 година.

На СП, Аргентина ќе игра во групата со Саудиска Арабија (22 ноември), Мексико (26 ноември) и со Полска (30 ноември). Л.Д.