Фото: ЕПА

Лигата на шампионите во сезоната 2024/2025 ќе биде првата според новиот формат, со 36 тима, а две од дополнителните четири места ќе бидат пополнети според перформансите на тимовите од секоја земја сезонава. Така, сите тимови во трите европски купа играат и за обезбедување дополнително место за својата земја во идната сезона на ЛШ

ФУДБАЛ – ОСМИНАФИНАЛИЊА ВО ЕВРОПСКИТЕ КУПОВИ

Почнува разврската во трите европски фудбалски купа, откако неделава ќе бидат познати првите четвртфиналисти во Лигата на шампионите (ЛШ), а ќе бидат одиграни првите натпревари од осминафиналињата во Лига Европа (ЛЕ) и во Конференциската лига (КЛ). Но, тимовите ќе играат и за бонус, за обезбедување дополнително место за својата земја во идната сезона на најсилното европско фудбалско клупско натпреварување, Лигата на шампионите.
Во најсилното европско клупско натпреварување двојките за утре се Сосиедад – Пари сен Жермен (прв натпревар 0-2) и Баерн – Лацио (0-1), а в среда играат Манчестер сити – Копенхаген (3-1) и Реал Мадрид – Лајпциг (1-0). Идната недела се уште четири реванш-натпревари, во кои Арсенал во Лондон ќе се обиде да ја надомести негативата од 0-1 од првиот натпревар со Порто на гости, Атлетико во Мадрид ќе се сретне со Интер, кој славеше на првата средба во Милано, со 1-0, а без предност во резултатот ќе се играат натпреварите помеѓу Барселона и Наполи, односно Борусија Дортмунд и ПСВ Ајндховен (двете 1-1).
Лигата на шампионите во сезоната 2024/2025 ќе биде првата според новиот формат на првата фаза од натпреварувањето, со вкупно 36 тима, а две од дополнителните четири места ќе бидат пополнети според перформансите на тимовите од секоја земја сезонава.
Европските места за перформанси од идната сезона ќе одат кај земјите со најдобри колективни перформанси од нивните клубови во натпреварувањата на Европската фудбалска унија (УЕФА) од претходната сезона, објави УЕФА. Тие две земји ќе добијат по едно автоматско место во првата фаза на Лигата на шампионите, за клубот што е најдоброрангиран во нивното домашно првенство, зад оние клубови што веќе се пласирале директно за лигашката фаза на ЛШ.

Италија и Германија во моментов имаат највисоки коефициенти од клубовите за сезоната 2023/2024 и затоа секој од нив би освоил уште едно место, кој во овој случај би го добиле петтопласираните екипи во тие две домашни првенства.
Третото од дополнителните четири места во Лигата на шампионите ќе му припадне на клубот рангиран како третопласиран во шампионатот на асоцијацијата што е на петтата позиција на листата на Европската фудбалска унија (Франција), што се одредува според петгодишниот клупски коефициент на земјата до крајот на сезоната 2022/2023, пишува УЕФА.
Четвртото место во најсилното европско фудбалско клупско натрпеварување ќе му биде доделено на домашен шампион, со тоа што низ квалификациите во следната сезона во Лигата на шампионите ќе се пласираат пет клуба (досега се пласираа по четири), преку т.н. шампионски пат на квалификациите.
Во Лигата на шампионите во сезоната 2024/2025 ќе играат победниците сезонава во Лигата на шампионите и во Лига Европа, потоа по четири тима од Англија, Шпанија, Германија и од Италија, три од Франција, два од Холандија, по еден од Португалија, Белгија, Шкотска и од Австрија, две бонус-места за земјите со највисок коефициент и седум тима од квалификациите, и тоа пет од патека за шампионите и два од лигашката патека, пишува Европската фудбалска унија. Н.М.


ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ, ОСМИНАФИНАЛЕ

УТРЕ
Сосиедад – Пари сен Жермен (0-2)
Баерн – Лацио (0-1)
СРЕДА
Манчестер сити – Копенхаген (3-1)
Реал Мадрид – Лајпциг (1-0)

ИДНАТА НЕДЕЛА
Арсенал – Порто (0-1)
Атлетико – Интер (0-1)
Барселона – Наполи (1-1)
Борусија Д. – ПСВ Ајндховен (1-1)
сите мечеви се од 21 часот (во заградите
се резултатите од првите средби)

ЛИГА ЕВРОПА, ОСМИНАФИНАЛЕ
Спортинг – Аталанта четврток, 18.45 ч.
Рома – Брајтон четврток, 18.45 ч.
Спарта П. – Ливерпул четврток, 18.45 ч.
Карабах – Баер четврток, 18.45 ч.
Марсеј – Вилјареал четврток, 21 ч.
Бенфика – Ренџерс четврток, 21 ч.
Фрајбург – Вест Хем четврток, 21 ч.
Милан – Славија П. четврток, 21 ч.
реваншите се на 14 март

КОНФЕРЕНЦИСКА ЛИГА, ОСМИНАФИНАЛЕ
Штурм – Лил четврток, 18.45 ч.
Олимп. – Макаби ТА четврток, 18.45 ч.
Молде – Клуб Бриж четврток, 18.45 ч.
Ајакс – Астон вила четврток, 18.45 ч.
Сервет – Плзен четврток, 21 ч.
Сен-Жил. – Фенербахче четврток, 21 ч.
Динамо З. – ПАОК четврток, 21 ч.
Макаби Х. – Фиорентина четврток, 21 ч.
реваншите се на 14 март

ТРКА ЗА ДОПОЛНИТЕЛНО МЕСТО ВО ЛШ
ЗЕМЈА КОЕФИЦИЕНТ
Италија 15,571
Германија 14,5
Англија 13,875
Франција 13,25
Шпанија 13,187
Чешка 12,75
Белгија 12,4

Извор: УЕФА