Лионел Меси

Меси на мечот дома со Атланта јунајтед (4-0) во Лига-купот го покажа влијанието што еден играч може да го има врз цел клуб

Косопственикот на Интер Мајами, Хорхе Мас, има едно трајно сеќавање од дебито на Лионел Меси, сликата на Меси како трча да го прегрне своето семејство откако го изведе слободниот удар за гол за победа на натпреварот и ја зацврсти новата ера за клубот и за американската фудбалска лига (МЛС), пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
– Тоа беше за публиката. Оваа заедница е гладна – рече Мас.
Следниот настап на Меси, неделава, дома со Атланта јунајтед во Лига-купот го покажа влијанието што еден играч може да го има врз цел клуб. Меси постигна два гола и имаше една асистенција во својот прв меч како стартер во Интер, кој до полувремето имаше водство со 3-0, прво такво водство во клупската историја.
– Ќе има пред и по Меси во фудбалот во оваа земја – рече Мас.
Мајами победи со 4-0. Меси излезе во 78. минута со овации, а многумина од публиката го носеа неговиот дрес со бројот 10. Многумина, исто така, се упатија кон излезите откако Меси седна на клупата, пишува АП.
– Со типот на играч каков што е, оправдано е да се случи тоа. Би сакал јавноста да остане и да му оддаде почит на целиот тим, но, исто така, можам да го разберам тоа – рече тренерот на Мајами, Тата Мартино.
Мајами се пласира во шеснаесетина-финалето на Лига-купот, во кое ќе му биде домаќин на противник што треба наскоро да биде познат (Хјустон Динамо, Орландо сити од САД или Сантос Лагуна од Мексико).
Во осмата минута, Меси прифати додавање од својот долгогодишен соиграч од Барселона, Серхио Бускетс, биеше, а топката од десната статива се одби до него и ја затресе мрежата. Потоа, во 22. минута Меси го доведе Интер во водство со 2-0 по додавањето на Роберт Тејлор.
– Откако тие двајца стигнаа тука, духот се промени. Мислам дека само нивното присуство на сите им дава поголема самодоверба – рече Деандре Једлин од Интер, мислејќи на Меси и на Бускетс. Н.М.