Македонската фудбалска репрезентација официјално напредуваше за две позиции на ранг-листата на ФИФА, која денеска го објави најновото рангирање после евроквалификацискиот циклус месецов во кој црвено-жолтите освоија четири бода и се вратија во трката за Еуро 2024, со ремито против Италија (1-1) и победата со Малта (2-0)
Македонија собра 12,42 рејтинг-поени од овие два меча, па сега има 1.362,95 рејтинг-поени со што напредуваше за две позиции и во моментов е на 66-то место на светот, 11 поени повеќе од најблискиот ривал на листата Исланд. Пред Македонија е Јужна Африка со нешто повеќе од пет рејтинг-поени,
На врвот на новата листа на ФИФА, се уште е светскиот шампион Аргентина, а редоследот на преостанатите пет најдобри остана непроменет откако на почетокот на септември се одиграа квалификациските натпревари за ЕП 2024 и СП 2026 година.
Франција е втора, а потоа следуваат Бразил, Англија и Белгија. Хрватската фудбалска репрезентација остана на шестото место, а зад неа е Холандија. Единствената промена во првите десет е падот на Италија на деветтото место и напредокот на Португалија на осмото место. Шпанија ги затвора првите 10.
Од репрезентации од поранешна Југославија, Србија е на 28. место, Словенија – 59., Босна и Херцеговина – 63., Македонија – 66., Црна Гора – 68., а Косово е на 111. место.