Фото: Фатмир Битиќи/принтсрин

Овие денови, овде во Њујорк ја афирмиравме посветеноста на нациите во светот на остварувањето на 17. цели за одржлив развој, дефинирани во Агенда 2030. Постигнатиот консензус ветува дека ќе се изгради меѓудржавна солидарност, ќе се врати оптимизмот и ентузијазмот за обезбедување на развој и подобар квалитет на живот за секого и насекаде, вклучително и во нашата земја. Владата на Македонија веќе ја има изразено својата посветеност за реализација на Агенда 2030, а напредокот што го имаме направено е регистриран и преку Интегрирана проценка, со која е утврдено дека нашите национални политики имаат 83 отсто усогласеност со целите за одржлив развој, просек што е далеку над глобалниот просек.

Ова го изјави заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, соопшти владината прес-служба.

– За да можеме да зборуваме за одржливост на економскиот развој, мораме да го хармонизираме со природата, да го остваруваме во мир и безбедност, но и да ги споделуваме неговите придобивки со сите, односно никого да не оставиме зад себе – посочил Битиќи по вториот ден на неговото учеството на 78. Генерално собрание на Обединетите Нации во Њујорк.

Битиќи истакнал дека ова е една од суштинските пораки што произлегуваат од Политичката декларација на Самитот за одржлив развој, а која беше усвоена од 193 земји-членки на Обединетите Нации.

Тој се осврнал и на Националната развојна стратегија, „која ќе ја постави институционалната рамка за постигнување на општествен консензус во насока на создавање на политичка атмосфера и мобилизиравме позитивна политичка енергија за поставување на 20-годишни развојни приоритети, кои ќе претставуваат основата за локализирање и реализирање во уште повисок степен на Целите на одржлив развој“.

– Како потврда на нашите институционални заложби за економска и социјална трансформација, пратена од засилена зелена транзиција, може да се препознае и потпишувањето на „Меморандумот за разбирање“ и „Договорот за привилегии и имунитети“ со Зелениот климатски фонд, со што Македонија наредната година ќе биде домаќин на Регионалниот програмски дијалог за земјите од Источна Европа и Централна Азија – пишува во изјавата на Битиќи.

Вицепремиерот соопштил дека Владата на Македонија ги зацврстува институционалните капацитети за спротивставување на климатските промени, но и гради и спроведува политики кои ќе обезбедат социјално и еколошки балансиран економски развој, насочен кон благосостојбата на нашите сограѓани и нивниот просперитет.