Фото: Твитер/Официјален профил на ФК Ливерпул

Ливерпул му го нанесе на лутиот ривал Манчестер јунајтед најтешкиот пораз во англиската фудбалска Премиер-лига (основана во 1992 година), совладувајќи го со 7-0 во дербито одиграно попладнево на „Ендилд“. Славниот клуб од Манчестер претходно во три наврати загуби со истиот резултат, од Блекбурн, Астон вила и од Вулверхемптон, но во периодот од 1926 до 1931 година.

По два гола постигнаа Мохамед Салах, Коди Гакпо и Дарвин Нуњез, додека еднаш погоди резервистот Роберто Фирмино, при што „црвените“ шестпати ја тресеа мрежата на Јунајтед во второто полувреме.

Египетскиот крилен напаѓач Салах стана водечки стрелец на клубот од „Енфилд“ во Премиер-лигата со вкупно 129 гола, надминувајќи го легендарниот Роби Фаулер. Дванаесет од 129-те погодоци на Салах се токму против Јунајтед.

– Ова е многу посебно. Ќе одам дома, ќе прославам со семејството и ќе испијам чај од камилица – кажа Салах.

Ова беше важен триумф за екипата на Јирген Клоп во борбата за четвртото место на табелата што следната сезона води во Лигата на шампионите. Ливерпул сега е петти со три бода помалку од четвртопласираниот Тотенхем, но и со една одиграна средба помалку од лондонскиот клуб. Јунајтед, пак, останува на третата позиција со девет поени помалку од второпласираниот Манчестер сити, односно со 14 поени зад водечкиот Арсенал.

Фудбалските познавачи сметаа дека Јунајтед сезонава поминува низ ренесанса под водство на Тен Хаг, особено откако минатиот викенд го освои Лига-купот (прв трофеј за клубот по 2017 година), но Ливерпул покажа дека екипата од „Олд Трафорд“ ја очекува уште многу работа за да се врати на некогашното врвно ниво.

– Дали Ливерпул се врати? Дали Јунајтед не се врати како што мислевме? – напиша некогашниот англиски репрезентативец Гери Линекер на Твитер по мечот.

Светските медиуми го искористија поразот за да го потсетат менаџерот на Манчестер јунајтед Ерик Тен Хаг на неговите зборови од летоска, по преземањето на клубот, кога се осврна на доминацијата на Манчестер сити и на Ливерпул во англискиот фудбал во изминатите неколку години.

– Ги ценам Манчестер сити и Ливерпул, но секоја ера завршува – кажа тогаш холандскиот стратег.

Манчестер јунајтед сезонава загуби 3-6 од градскиот ривал Сити, пред дебаклот против Ливерпул.