Во првото полуфинале, Ливерпул го совлада Манчестер сити со 3-2

ФУДБАЛ

Ливерпул се пласира во финалето на ФА-купот, совладувајќи го Манчестер сити со 3-2, во првото полуфинале, на стадионот „Вембли“. Противник на Ливерпул ќе му биде подобриот од вториот полуфинален дуел, Челси – Кристал палас, кој се одигра вчера попладне. Финалето е на 14 мај на „Вембли“.
Ливерпул по третпат стигна до финалето на Лига и на ФА-купот во иста сезона, по 2000/2001 и 2011/2012 и е првата екипа што го постигнала тоа во три одделни сезони. Ливерпул ќе играше за осмиот трофеј во ФА-купот што последен пат го освои во 2006 година. За Манчестер сити ова беше трета сезона во низа во која губи во полуфиналето. „Црвените“ се на добар пат кон освојување рекордни четири трофеи сезонава, во ФА и во Лига-купот (веќе победија), во Премиер-лигата и во Лигата на шампионите (ЛШ).

Ибрахиме Конате го постигна првиот гол во деветтата минута, потоа Садио Мане даде уште два, во 17-та и во 45-та минута, за убедливо водство на Ливерпул. Манчестер сити возврати во вториот дел преку Џек Грилиш (47. минута) и Бернардо Силва (90.), но тоа беше недоволно за да се избегне поразот.
– Ова е посебен ден. Игравме против еден од најдобрите клубови во светот и да се победи на ваков меч, особено во полуфинале, е голема, голема, голема работа. Сите сме многу задоволни што победивме и што се пласиравме во финалето. Мечот го почнавме многу добро, при мојот прв гол голманот погреши, но мислам дека го принудивме да ја направи таа грешка. Тоа е нашиот стил и мислам дека тоа ја направи разликата – истакна Мане.

Ливерпул одигра одличен меч, посебно во првото полувреме, кое менаџерот Јирген Клоп го нарече „едно од најдобрите“ под негова „капа“ и по кое имаше недостижна предност од 3-0.

– Мислам дека тоа беше едно од нашите најдобри изданија. Тоа беше моето чувство по она што го видов во првото полувреме поради квалитетот на противникот. Ги направивме сите вистински работи, постигнувавме голови во вистински моменти, одигравме неверојатен натпревар во првиот дел. Ми се допадна секоја секунда. Тешко е да ги запрете, а потоа да создадете шанси против нив – изјави Клоп.