ФУДБАЛ

Ливерпул ја зголеми предноста на четири бода на врвот на англиската фудбалска Премиер-лига, по победата со 4-1 дома на дуелот со Лутон, иако гостите водеа со 1-0. Домашниот тим настапи без девет играчи, и тоа Алисон, Трент Александер-Арнолд, Диого Жота, Мохамед Салах, Тиаго, Доминик Собослаи, Жоел Матип, Кертис Џонс и Дарвин Нуњез, пишува „Би-би-си“. Ливерпул ќе игра со Челси во неделното финале на Лига-купот во Лондон.
Во отсуство на стартери за гостувањето на Лутон, Клоп мораше да има доверба во длабочината на неговиот тим. Клоп играше со стартна постава со просечна возраст од 25 години и 68 дена, што е најмладиот состав на клубот од февруари 2018 година, а на клупата на Ливерпул имаше пет играчи на возраст до 19, меѓу кои и 16-годишниот играч од средниот ред Треј Ниони, пишува „Би-би-си“. Осумнаесетгодишниот Џејден Денс дебитира за сениорскиот тим од клупата во 89. минута и имаше удел за четвртиот гол на Ливерпул. Харви Елиот (20) во својот стоти настап за Ливерпул постигна гол во 90. минута, кој е стоти за Ливерпул во сите натпреварувања сезонава.
Во последната сезона на Клоп на чело на тимот, Ливерпул останува во трка за четири трофеи. Ливерпул освои 22 бода од загубени позиции во Премиер-лигата сезонава, повеќе од која било друга екипа. Клучен фактор на сезоната досега е способноста на Ливерпул да има многу стрелци и тие се првиот клуб во најсилните пет домашни лиги во Европа (Англија, Шпанија, Франција, Германија и Италија) со пет фудбалери што постигнале барем 10 гола во сите натпреварувања сезонава, Салах (19), Жота (14), Нуњез (13), Коди Гакпо (11) и Луис Дијаз (10). Н.М.