Во денешната ждрепка за новата сезона на Лигата на нациите, македонската репрезентација е во третиот барабан во лигата Ц. Во следната сезона ќе има нови нокаут-рунди, и тоа четвртфиналиња во лигата А на патот кон фајналфор-турнирот, како и мечеви за опстанок/промоција во лигите А, Б и Ц

ФУДБАЛ – ДЕНЕСКА ЖДРЕПКА ЗА ЧЕТВРТАТА СЕЗОНА

Македонската фудбалска репрезентација ќе биде во третиот барабан во лигата Ц за денешната ждрепка (18 часот) што ќе се влече во Париз, за четвртата сезона на Лигата на нациите, и нема да може да игра со селекциите на Словачка, Северна Ирска и на Кипар. Можни ривали на црвено-жолтите се Романија, Шведска, Ерменија и Луксембург од првиот барабан, Азербејџан, Косово, Бугарија и Фарските Острови од вториот и Белорусија, Естонија, Летонија и Литванија или Гибралтар од четвртиот барабан.
Македонија во првата сезона на Лигата на нациите играше во лигата Д, победи во својата група и се пласира во лигата Ц, а потоа победи и во плејофот и се квалификува на Европското првенство што се одигра во 2021 година. Во втората и во третата сезона на Лигата на нациите, Македонија играше во лигата Ц, освојувајќи го второто, односно третото место во своите групи.

НОВ ФОРМАТ ВО НОВАТА СЕЗОНА

Следната сезона на Лигата на нациите, почнувајќи од септември годинава, ќе се надоврзе на спортскиот и на комерцијалниот успех на натпреварувањето, со нова нокаут-рунда што ќе ја поврзе групната фаза, која ќе заврши во ноември, со финалето закажано за јуни 2025 година, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА).
Ревидираниот формат ќе вклучува четврт-финалиња во кои ќе играат победниците и второпласираните од лигата А, кои ќе се сретнат меѓу себе дома и на гости, а победниците ќе се пласираат на фајналфор-турнирот. Слично на тоа, третопласираните репрезентации во лигата А ќе играат со второпласираните во лигата Б, како и третопласираните во лигата Б со второпласираните во лигата Ц, во плејофот за опстанок/промоција, со мечеви дома и на гости.
– Воведувањето на Лигата на нациите беше успешна приказна. Со воведување на нокаут-фазата, на репрезентациите ќе им се дадат уште повеќе можности за напредок, а притоа ќе го задржат истиот број мечеви во рамките на меѓународниот календар на натпревари – рече Александер Чеферин, претседателот на УЕФА.
Натпреварите од новата сезона во групната фаза треба да се играат есенва, четвртфиналињата и плејофот се предвидени за март в година, а финалето, кое ќе го организира една од четирите репрезентации што ќе се пласираат во полуфиналето, треба да се одржи во јуни 2025 година, пишува Европската фудбалска унија.

ОД 2018 ГОДИНА, ОСУМ РЕПРЕЗЕНТАЦИИ ИМАА ДВЕ ПРОМОЦИИ ВО ПОВИСОК РАНГ

Имаше ново име на табелата со победници во фудбалската Лига на нациите во 2023 година, откако Шпанија стана третиот шампион на натпреварувањето, на фајналфор-турнирот во Холандија, на кој настапија домаќините заедно со Хрватска, Италија и со Шпанија, која славеше на пенали во финалниот дуел со Хрватска, пишува УЕФА. Од нејзиното основање, Лигата на нациите обезбеди платформа за поконкурентни и позначајни натпревари, без додавање нови датуми во календарот.
Вкупно 33 репрезентации остварија барем една промоција во повисок ранг, што покажува како тие можат да генерираат импулс преку конкурентноста. Освен што се искачуваа на скалилата во Лигата на нациите, тие селекции ги подобруваа шансите за поповолна ждрепка во европските квалификации, пишува УЕФА. Вкупно, осум репрезентации постигнаа две промоции во повисок ранг од првото издание во 2018 година.
Интересот на гледачите беше изразен за време на финалниот турнир лани, со четирите натпревари во Ротердам и Еншеде со вкупна посетеност од 126.200, односно 95 отсто од вкупниот капацитет на стадионите, а тој интерес се отсликуваше и надвор од стадионите, при што ланската Лига на нациите привлече проектирана кумулативна глобална гледаност во живо од 557,8 милиони, плус 2,7 милијарди интеракции на интернет-страницата на Европската фудбалска унија и низ социјалните медиуми, пишува УЕФА. Н.М.


Преку Лигата на нациите до пласман на СП 2026

И новата сезона на фудбалската Лига на нациите ќе даде можност за пласман на едно големо натпреварување, овој пат на Светското првенство (СП) во 2026 година во САД, Мексико и во Канада.
Пласман на тој Мундијал низ квалификациите ќе обезбедат победниците на 12-те квалификациски групи, а преостанатите четири места од Европа ќе бидат решени во плејоф со 16 репрезентации, во кој ќе учествуваат 12-те второпласирани во квалификациските групи и четири најдоброрангирани победници на групите во Лигата на нациите, пишува Светската фудбалска федерација (ФИФА). Н.М.


СОСТАВ НА БАРАБАНИТЕ ЗА ДЕНЕШНАТА ЖДРЕПКА

Лига А
1: Шпанија, Хрватска, Италија, Холандија
2: Данска, Португалија, Белгија, Унгарија
3: Швајцарија, Германија, Полска, Франција
4: Израел, БиХ, Србија, Шкотска
Лига Б
1: Австрија, Чешка, Англија, Велс
2: Финска, Украина, Исланд, Норвешка
3: Словенија, Р. Ирска, Албанија, Црна Гора
4: Грузија, Грција, Турција, Казахстан
Лига Ц
1: Романија, Шведска, Ерменија, Луксембург
2: Азербејџан, Косово, Бугарија, Фарски Острови
3: Македонија, Словачка, С. Ирска, Кипар
4: Белорусија, Литванија/Гибралтар, Естонија, Летонија
Лига Д
1: Литванија/Гибралтар, Молдавија
2: Малта, Андора, Сан Марино, Лихтенштајн

ДОСЕГАШНИ ФИНАЛИЊА
ГОД., ГРАД ДВОЈКА РЕЗ.
2019, Порто Португалија – Холандија 1-0
2021, Милано Франција – Шпанија 2-1
2023, Ротердам Шпанија – Хрватска 0-0, 5-4 пен.