ФУДБАЛ – НАГРАДА НА ФИФА

Роберт Левандовски од Баерн, Лионел Меси од ПСЖ и Мохамед Салах од Ливерпул се тројцата кандидати за признанието „најдобар“ за 2021 година во изборот на Светската фудбалска федерација (ФИФА). Меси (Аргентина) ја доби наградата во 2019 година, Левандовски (Полска) е актуелен лауреат, за 2020 година, а Салах (Египет) првпат ќе има шанса да ја освои. За тоа одлучува жирито, составено од селектори и капитени на репрезентациите, новинари од сите земји-членки и навивачи регистрирани преку интернет-страницата на ФИФА. Комисијата ќе го избере победникот за достигнувањата во периодот од 8 октомври 2020 година до 7 август 2021 година.
Во продолжение дел од статистиката за ефектите на тројцата фудбалери на настапите за нивните клубови и репрезентации во тој период: Роберт Левандовски: 45 натпревари (стартер на 44), 51 гол (осум од пенал), шест асистенции, постигнува погодок на секои 71,8 минути. Лионел Меси: 57 натпревари (стартер на 55), 43 гола (девет од пенал), 17 асистенции, постигнува погодок на секои 118,4 минути. Мохамед Салах: 47 натпревари (стартер на 43), 28 гола (пет од пенал), шест асистенции, постигнува погодок секои 137,3 минути.
Добитниците на наградите ќе бидат познати в понеделник. Покрај најдобар фудбалер, ќе биде прогласена и најдобрата фудбалерка, најдобриот селектор (мажи и жени), голман (мажи и жени), ќе бидат доделени наградата „пушкаш“ за најубав гол, наградата за ферплеј итн.