ФИФА објави дека во машкиот фудбал се забележани 9.717 меѓународни трансфери, а кај жените 684, во двата случаја најмногу досега во еден преоден рок

ФУДБАЛ

Според извештајот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), фудбалските агенти заработиле 430,8 милиони фунти (494,4 милиони долари) во летниот преоден рок што заврши неодамна, пишува „Би-би-си“. Во извештајот детално се анализираат меѓународните трансфер-активности летово и пишува дека фудбалските агенти инкасирале речиси 10 отсто од вкупната вредност од околу пет милијарди долари за трансфери на фудбалерите.
Годинава е забележан рекорден број трансфери, за мажи и за жени, низ целиот свет. Во машкиот фудбал имало 9.717 меѓународни трансфери, што е пораст за 16,2 отсто во споредба со лани. Кај жените, пак, се случиле вкупно 684 трансфери, што е за 14,4 отсто повеќе (598 трансфери лани, 529 во 2020 година…).
Вкупната вредност на годинашниот преоден рок од пет милијарди долари е зголемување за 29,7 отсто во однос на лани и прво зголемување по две години намалување на вложувањата во трансфери, пишува ФИФА во својот извештај, според кој, рекордна е 2019 година. Најголем дел од трансферите летово се одвивал во англискиот фудбал, а клубовите во Премиер-лигата потрошиле рекордни 1,9 милијарда фунти (2,2 милијарди евра).
Беа соборени и неколку рекорди. За Бразилецот Антони, Манчестер јунајтед на Ајакс му плати 81,3 милион фунти (93,5 милиони евра), што е најскапата трансфер-зделка на последниот ден во преодниот рок во Премиер-лигата досега. Л.Д.