Според новата декларација од Мариенборг, балтичките земји можат да произведат до 93 гигават-часа енергија добиена од морскиот ветер до 2050 година

Осум европски држави што излегуваат на Балтичко Море се договорија за седумкратно зголемување на капацитетот за производство на енергија од морски ветер, до 20 гигавати до 2030 година, пренесува „Еурактив“

Потпишана нова декларација за унапредување на обновливите извори на енергија

Осум европски држави што излегуваат на Балтичко Море се договорија за седумкратно зголемување на капацитетот за производство на енергија од морски ветер. Овие заложби се појавија откако Русија, од почетокот на конфликтот во Украина, го намали или целосно го запре снабдувањето со гас на некои држави. Данската премиерка Мете Фредериксен, која беше домаќинка на состанокот на кој присуствуваа владини претставници од Данска, Естонија, Финска, Германија, Летонија, Литванија, Полска и Шведска, пред медиумите порача дека „земјите се договориле до 2030 година седумкратно да го зголемат производството на енергија од морски ветер“. Таа додаде дека токму тие држави се првата линија на европската енергетска безбедност и упати критики до рускиот претседател Владимир Путин дека енергентите ги користи како алатка да ја втурне Европа на раб на енергетска криза. Русија беше единствената балтичка земја што не присуствуваше на состанокот.
На Балтичко Море во моментов се поставени капацитети од 2,8 гигавати што користат морски ветар за генерирање енергија, при што речиси сите се лоцирани во данските и германските води. Дваесет гигавати би биле доволни за снабдување со електрична енергија на 20 милиони домаќинства, што е повеќе од сегашниот вкупен крајбрежно-ветерен капацитет во целата Европска Унија (ЕУ). Данската премиерка објасни дека балтичките земји споделуваат огромен потенцијал за искористување на морскиот ветер, но се ранливи сè додека зависат од фосилните горива.

Потпишана нова декларација

На овој самит беше усвоена Декларацијата од Мариенборг, во која се вели дека „до 2050 година, капацитетот на енергијата добиена од морски ветер во реонот на Балтичко Море има потенцијал да достигне до 93 гигавати“. Сепак, некои велат дека балтичките земји можеле да бидат и поамбициозни. Според енергетските аналитичари, Балтичко Море би можело да произведе до 93 гигавати само од крајбрежните ветерни електроцентрали, што е „за четири пати повеќе од она што беше предложено во договорот меѓу осумте земји“, смета Павел Чизак, виш аналитичар во глобалната енергетска експертска организација „Ембер“.
Се чини дека декларацијата ја потврдува итноста на состојбите, зашто во неа се вели дека осумте земји-потписнички „ќе спроведуваат забрзано издавање дозволи“ и „ќе ги истражуваат можностите за заеднички прекугранични проекти за обновлива енергија, исто како и за брзо задоволување на инфраструктурните потреби за развој на морски ветер“.

Планови за енергетска независност

Во март, Европската комисија соопшти дека годинава ЕУ сака за две третини да ја намали зависноста од руски гас, а до 2030-та да стане целосно независна од него. Исто така, Унијата има цел до 2030 година да го зголеми својот удел во обновлива енергија од 40 на 45 отсто. Други цели на ЕУ се до 2030 година да ги намали стакленичките гасови до 55 отсто, а до 2050 година да стане јаглеродно неутрална.
Неодамна, Данска најави дека ќе ги зголеми своите капацитети за морски ветер на островот Борнхолм во Балтичко Море, и тоа од два на три гигавати, како и дека ќе го поврзе ова производство со германската електрична мрежа. Германија, Данска, Холандија и Белгија во мај објавија сличен договор за десеткратно зголемување на капацитетот на ветерната енергија од Северно Море, до 150 гигавати до 2050 година, за да ѝ се помогне на Европа во постигнувањето на нејзините климатски цели и избегнувањето на руските енергенти.