ФУДБАЛ
Откако натпреварувањето ја доби сегашната форма во 1992 година, финалињата на ЛШ предизвикаа многу драма, но кој од 30-те натпревари беше најдобар од сите? УЕФА издвои неколку
Финалето на Лигата на шампионите (ЛШ) годинава ќе се игра во Истанбул, сцена на едно од најголемите финалиња на ЛШ на сите времиња, но дали успехот на Ливерпул во 2005 година е навистина најдобар од сите, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА). Откако натпреварувањето ја доби сегашната форма во 1992 година, финалињата на ЛШ предизвикаа многу драма, но кој од 30-те натпревари беше најдобар од сите? УЕФА издвои неколку.
Милан – Барселона 4-0 (1994 година). „Ова е совршенство“, рече тренерот на Милан, Фабио Капело, откако неговиот тим ја оствари најголемата победа во финале во историјата на ЛШ. Барселона на Јохан Кројф изгледаше како фаворит на хартија пред мечот во Атина, но беше надиграна, Даниеле Масаро погоди двапати, а по еднаш Дејан Савиќевиќ и Марсел Десаи. Еднострана средба, но, сепак, мошне спектакуларна, пишува УЕФА.
Манчестер јунајтед – Баерн 2-1 (1999 г.). Алекс Фергусон не беше човек што прекумерно покажува емоции, но дури и тој остана без зборови откако неговиот тим погоди двапати во дополнителното време за да ја анулира негативата од 0-1 во Барселона. „Уште не сум им кажал ништо на моите играчи. Само ги прегрнав и бакнав“, им рече тој на новинарите по мечот. Замените Шерингам и Солскјер постигнаа голови во можеби најголемото доцно шоу од сите.
Ливерпул – Милан 3-3, 3-2 на пенали (2005 г.). „Немаше бурни прослави. Тоа беше повеќе неверување“, се сеќава играчот од средниот ред на Ливерпул, Дитмар Хаман на „Чудото од Истанбул“. Во натпреварот со две различни полувремиња, Милан водеше по првото со 3-0, но, во вториот дел, потпомогнати од првиот гол на Хаман, Ливерпул израмни во период од осум минути и потоа го доби мечот со 3-2 на пенали.
Манчестер јунајтед – Челси 1-1, 6-5 на пенали (2008 г.). „Играв добро, постигнав гол, а потоа го промашив пеналот (во серијата). Тоа ќе беше најлошиот ден во мојот живот“, се сеќава Кристијано Роналдо на финалето во 2008 година во Москва. Тој го донесе Манчестер јунајтед во водство во првото англиско финале, а Френк Лампард израмни пред паузата. Роналдо не успеа да го реализира пеналот, но промашувањето на Џон Тери го израмни тоа, па Манчестер јунајтед подоцна победи со 6-5.
Барселона – Манчестер ј. 2-0 (2009 г.). Имаше чувство дека се пренесува штафетата додека Барселона на Пеп Гвардиола го совладуваше актуелниот шампион во Рим, со головите на Самуел Ето и на Лионел Меси. Нивниот стил на игра тики-така веќе им донесе титула во Лигата и трофеј во Купот на Шпанија, а играчот од средниот ред Андрес Иниеста објаснува: „Тоа беше првата тројна круна (за шпански клуб). Тоа е нешто навистина уникатно, магично и нешто што секогаш ќе го паметите“.
Челси – Баерн 1-1, 4-3 на пенали (2012 г.). Голот на Томас Милер на седум минути пред крајот на мечот се чинеше дека ја донесе победата на Баерн во финалето одиграно на сопствениот стадион, но Дидие Дрогба израмни, а Петр Чех потоа одбрани пенал за продолженија на поранешниот соиграч Ариен Робен за да го постави Челси на патот кон успехот, славејќи со 4-3 на пенали. „Тоа беше судбина. Многу верувам во судбината. Напишано е многу одамна, но не знаевме“, рече Дрогба, кој беше исклучен во последниот пораз на неговата екипа во 2008 година.
Реал Мадрид – Атлетико 4-1 (2014 г.). Баерн за малку не го освои трофејот во 1999 и во 2012 година, а Атлетико дојде на ред во 2014 година, пишува УЕФА. Тимот на Диего Симеоне водеше до пред крајот на средбата со голот на Диего Годин во првото полувреме, но Серхио Рамос израмни за Реал Мадрид во последните моменти од мечот. Герет Бејл, Марсело и Кристијано Роналдо постигнаа голови во продолженијата. „Таа среќа ќе остане со мене засекогаш“, рече Рамос.