Мислам дека тоа е достижно. Очигледно, дотаму уште има деведесетина гола што треба да се постигнат, но дефинитивно тоа е една од целите што ќе се обидам да ги постигнам, вели Кејн, кој има 173 гола на 268 натпревари

ФУДБАЛ – АНГЛИЈА

Напаѓачот на Тотенхем, Хари Кејн (28), има за цел соборување на долгогодишниот рекорд на Алан Ширер за постигнати голови во англиската фудбалска Премиер-лига. Капитенот на Англија, кој повторно е во форма, сега има 87 гола помалку 260-те на Ширер, постигнати од 1992 до 2006 година, за Блекбурн и за Њукасл. Кејн, кој има 173 гола на 268 меча, верува дека има доволно време да стане најдобриот стрелец во историјата на Премиер-лигата.
– Мислам дека тоа е достижно. Очигледно, дотаму уште има деведесетина гола што треба да се постигнат, но дефинитивно тоа е една од целите што ќе се обидам да ги постигнам. Чувствувам дека имам уште многу години играње и ќе биде интересно. Ширер беше неверојатен напаѓач, неверојатен број 9. Одлично е и тоа што сум му блиску, но ќе се обидам да го достигнам – вели Кејн.
Тој вели дека имало периоди кога се сомневал дали ќе го достигне највисокото ниво по разочарувачките заеми во Норич и во Лестер. На 14-те натпревари во дивизијата Чемпионшип тој постигна само два гола.
– Норич и Лестер веројатно беа најтешките времиња во мојата кариера. Претходно имав две одлични позајмувања во Лејтон Ориент и во Милвол, потоа отидов во Норич и не можев да обезбедам место во тимот. Се повредив, се вратив и отидов во Лестер, таму се најдов на клупата за резерви, одиграв неколку натпревари, но не беше баш најдобро. Тоа беше времето кога си помислував „ако не играм за Лестер, во Чемпионшип, како ќе можам да играм за Тотенхем“. Си реков: „Ќе направам сѐ што е до мене да се вратам следната сезона во Тотенхем и да го покажам најдоброто“. За среќа, добив шанса и ја искористив. Но сѐ што ми се случи беше одлична „крива на учење“. Иако не одеше сѐ како што посакував, тоа искуство беше важен дел од мојата приказна и ми помогна да бидам таму каде што сум сега – рече Кејн.
Менаџерот на Тотенхем, Антонио Конте, му посакува на Кејн не само да ги достигне рекордните 260 на Ширер, туку тоа да го направи освојувајќи трофеи.
– Зборуваме за напаѓач од светска класа и тој мора да биде амбициозен. Рекордите се важни, но, во исто време, важно е и да освојувате трофеи во кариерата, затоа што само кога победувате и кревате трофеи, можете да станете дел од клупската приказна. Моја задача е да се обидам да го подобрам Кејн. Тоа не е лесно, бидејќи просторот за подобрување не е многу голем. Но мислам дека тој и понатаму напредува – вели Конте.