Фото: Игор Бансколиев

Интензивниот обем на работа останува едно од најважните прашања за играчите во највисоките натпреварувања, рече претседателот на ФИФПРО, Давид Аганзо, на Светскиот фудбалски самит во Севилја

ДАВИД АГАНЗО, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ФИФПРО

Претседателот на ФИФПРО, Аганзо, и членот на глобалниот одбор Моланго на Светскиот фудбалски самит зборуваа на панел што ги испитуваше прашањата насочени кон играчите што го водат или ќе го водат фудбалскиот пејзаж во наредните години, а централните теми се вртеа околу податоците за играчите и тековниот преголем обем на работа на елитните фудбалери
Здравјето и безбедноста на фудбалерите се од огромно значење. Интензивниот обем на работа останува едно од најважните прашања за играчите во највисоките натпреварувања. Додека календарот продолжува да се проширува, едноставно нема доволно заштитни мерки за заштита на благосостојбата, перформансите и долговечноста на кариерата на фудбалерите, рече претседателот на Светскиот синдикат на фудбалери (ФИФПРО), Давид Аганзо, кој со членот на глобалниот одбор Махета Моланго учествуваше на Светскиот фудбалски самит во Севилја (Шпанија), каде што зборуваа на панелот „Обликување на идниот развој на фудбалската индустрија“.
Светскиот фудбалски самит е платформата што поврзува над 90.000 носители на одлуки во фудбалската индустрија за да генерираат нови деловни можности и да ја обликуваат иднината на играта, пишува ФИФПРО. Панелот на Аганзо и Моланго обезбеди внимателен увид за прашањата насочени кон играчите што го водат или ќе го предводат фудбалскиот пејзаж во наредните години, со посебен акцент на тековниот „камуфлажен ефект“ на податоците за играчите и преголемиот обем на работа на елитните фудбалери.
Актуелниот календар е огромна грижа за фудбалерите, кои се изложени на ризик од исцрпеност поради екстремни распореди и патувања, Рафаел Варан се повлече од меѓународниот фудбал на 29-годишна возраст, наведувајќи ги како причина „преоптоварените распореди“, а со оглед на тоа што календарот на натпревари продолжува да се зголемува по интензитет, се гледаат опасностите од повреди, а и ризиците за долготрајноста на кариерата, перформансите, менталното здравје и за личниот живот на фудбалерите, пишува ФИФПРО.

На дневен ред беше и употребата на податоците за играчите. Степенот до кој професионалните фудбалери се надгледувани кога станува збор за собирање на нивните податоци на нивното работно место неодамна беше опишан како „отворање очи“ од водечка фигура во заштитата на податоците, а на Светскиот фудбалски самит беше илустриран недостигот од заштита на играчите за правата на податоци и како има „камуфлажен ефект“ користењето на нивните податоци без согласност или знаење на играчите, пишува ФИФПРО.
– Играчите треба да бидат во центарот на тоа како се користат нивните податоци што се собираат за нив на нивното работно место. Иако за користењето на податоците за играчите генерално се размислува од перспектива на перформанси, треба да се разговара за тоа како тие се користат надвор од перформансите. Онаму каде што има комерцијални придобивки што произлегуваат од податоците на играчите, самите играчи мора да бидат вклучени во тој процес и да го кажат својот збор – рече Моланго, пренесе ФИФПРО. Н.М.