Во рамките на акцијата и следењето, полициските власти забележале голема едрилица како товари дрога во Бразил. По краткотрајната истрага за нејзината траса било констатирано дека едрилицата патува кон Шпанија, па властите добиле дозвола да го запрат бродот и да го пребараат. При претресот, полицијата успешно пронашла 2,7 тони кокаин, кој бил скриен во 89 торби… Тоа е преломната точка од каде што почна со голема динамика да се расплетува криминалното клопче на балканскиот наркокартел…

Голем удар на балканскиот наркокартел

Во голема полициска акција на Европол падна балканска наркоорганизација, која, според информациите, организирано перманентно шверцувала големи количества дрога, поточно кокаин од Бразил на Балканот. Ова е уште една од низата акции што се спроведуваат со цел зауздување на криминалниот октопод на балканската наркомрежа, со „главата“ на Балканот, веројатно во Србија, а со „пипалата“ достигаат насекаде низ светот.

ГЛАВЕН ОРГАНИЗАТОР БИЛ СРПСКИ ДРЖАВЈАНИН

Во рамките на оваа акција се истражуваше Балканскиот картел за шверц на дрога, а предводник на истата таа беше соседна Србија, чии власти во јануари 2022 година поведоа истрага за овој наркокартел, за кој се верува дека е вклучен во трговија на големо со кокаин од Јужна Америка во Европа. По неколкумесечна истрага, целата организација беше осомничена дека организирала испораки на кокаин од повеќе тони од Бразил во ЕУ.
Според истрагата и оперативните анализи било констатирано дека лидерите на оваа организација од украинска и од чешка националност патувале неколкупати до Зелено’ртските Острови или до други локации во Западна Африка за да го подготват својот брод за шверцерски операции. Бродот со чија помош шверцувале дрога бил лоциран во Бразил.
Главен организатор во оваа криминална мрежа бил српски државјанин, кој бил означен како цел со висока вредност. Активностите на властите биле насочени кон овој српски државјанин, како и кон поединци, кои биле инструменти за континуирано функционирање на операциите на наркокартелот. Токму тие ги организирале операциите за испорака преку шифрирани комуникациски платформи.
Полицијата успеала да ги пробие трите алатки за шифрирање преку кои криминалците комуницирале и договарале шверц на кокаин. Важна улога во дејствувањето на криминалната мрежа биле лица од балканските земји, кои играле клучна улога во глобалната трговија со кокаин.

КАКО ДЕЈСТВУВАЛЕ?

По неколкумесечното следење на оваа криминална мрежа, властите забележале подготовки за трансфер на дрога. Водачот на организацијата неколкупати патувал во Шпанија со помош на лажни документи за идентификација. Членови на организацијата од Украина и од Чешка, кои биле бродски капетани, патувале неколкупати до острови во Западна Африка, каде што ги подготвувале бродовите за шверц.
Според истрагата, членовите на наркокартелот одржувале состаноци со латиноамериканските доставувачи на дрога во Хрватска и често патувале во Колумбија и во Бразил.
Во рамките на акцијата и следењето, полициските власти забележале голема едрилица како товари дрога во Бразил. По краткотрајната истрага за нејзината траса било констатирано дека едрилицата патува кон Шпанија, па властите добиле дозвола да го запрат бродот и да го пребараат. При претресот, полицијата успешно пронашла 2,7 тони кокаин, кој бил скриен во 89 торби.
При влечењето на бродот од страна на полицијата кон брегот, тој почнал да тоне, што го потврдува методот на криминалните организации често да користат стари бродови, кои можат да ги купат за релативно ниски цени, за да го максимизираат профитот, а потоа во погоден момент да се уништат, укажуваат извори од шпанската полиција за тамошните медиуми.
Откако Шпанија ја откри дрогата, српската полиција го направи својот потег. Покрај четирите апсења, таа изврши рации во 15 дома низ Србија, одземајќи 550.000 евра, две возила од висока класа и луксузни часовници. Блокирани се и неколку банкарски сметки и недвижен имот како дел од тековната финансиска истрага.
Во полицискиот извештај се наведува дека оваа операција ефективно ја разбила групата и дека се можни и други апсења.


Хрват „падна“ во Белгија за шверц на 2,7 тони кокаин

Специјалната единица на белгиската федерална полиција го уапсила загрепчанецот Т.Ш. (36), дипломиран економист што водел повеќе фирми во Хрватска, поради сомнение дека заедно со уште неколку лица од различна националност, во таа земја испорачал пратка од 2,7 тони кокаин, пренесуваат хрватските медиуми.
Ова е најголемата поединечна заплена на кокаин за која досега бил осомничен хрватски државјанин.
Дрогата, спакувана во вреќи, била запленета при рацијата при истовар од контејнерот, кој претходно бил преземен на пристанишниот терминал во Антверпен.
Откако контејнерот бил пренесен во магацин, полицијата го опколила, а потоа упаднала во магацинот, каде што затекнала 11 мажи и малолетници како истовараат дрога, меѓу кои и Т.Ш. Заедно со Т.Ш. се уапсени државјани на Белгија, Холандија, Ерменија, Литванија, Мароко и на Украина. Севкупно во целата акција дваесетина лица се приведени, а белгиското државно обвинителство поведе истрага против нив.
Како што неофицијално пренесуваат медиумите во Загреб, хрватската полиција била информирана од белгиските колеги за апсењето на Т.Ш. Изненадувањето е дотолку поголемо бидејќи хрватскиот економист, кој ѝ падна на полицијата за шверц, е човек без досие во Хрватска и потекнува од угледно загрепско семејство.

[email protected]