Британката Џесика Хокинс стана првата жена по речиси пет години што тестираше болид од Формула 1, пишува „Би-би-си“. Астон Мартин објави дека Хокинс (28) извозе 26 круга во неговиот болид за 2021 година на патеката „Хунгароринг“ во близината на Будимпешта.
– Ми требаше секоја капка крв, пот и солзи за да стигнам тука. Тоа морав да го чувам во тајност со месеци, што беше доста тешко. Апсолутно вредеше и ми даде навистина вредно искуство – рече Хокинс.
Претходниот пат кога жена тестираше Ф1-болид беше во октомври 2018 година, Колумбијката Татјана Калдерон со Заубер, сега Алфа Ромео, на патеката во Мексико Сити. Сузи Волф е последната жена што се натпреварувала на тренинзи, во 2015 година, а жена возач нема настап на гран-при уште од Италијанката Лела Ломбарди во 1976 година, пишува „Би-би-си“.
– Ништо не може да се спореди со забрзувањето и со сопирањето на болид во Формула 1 и, гледајќи ги податоците, навистина сум горда на моите перформанси. Ќе продолжам да се залагам за повеќе и сакам да ги инспирирам другите жени и да им дадам до знаење дека треба да го следат својот сон, без разлика што е тоа – рече Хокинс.
Хокинс, поранешна британска шампионка во картинг и тркачка од серијата за жени, му се придружи на Астон Мартин како возачка амбасадор во 2021 година.
– Бевме навистина импресионирани од подготовката на Џесика за тестот, таа работеше неверојатно напорно со нашиот тим за симулатори и поради тоа беше лесна одлука да го вози болидот АМР21 – вели Мајк Крак, директор на тимот Астон Мартин. Н.М.