Последниот пат кога Холанд го посети стадионот „Рамон Санчез-Писхуан“ со Борусија Дортмунд, во осминафиналето на ЛШ 2020/2021, ѝ даде два гола на Севилја, а потоа уште два во реваншот, за вкупни 5-4

ФУДБАЛ – ПОЧНУВА ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ

Со натпреварите од првото коло, вкупно 16, утревечер и в среда, почнува новата, 2022/2023 сезона во Лигата на шампионите (ЛШ) во фудбал. Бранителот на титулата, Реал Мадрид, му гостува на Селтик во Глазгов, кој е во добра форма, за што сведочи убедливата победа во градското дерби над Ренџерс од 4-0. Интересни натпревари се очекуваат во Париз, меѓу ПСЖ и Јувентус, како и во Севилја, каде што ќе гостува првакот на Англија, Манчестер сити, предводен од норвешката сензација Ерлинг Холанд, кој веќе постигна 10 гола во Премиер-лигата сезонава.
Селтик последен пат играше во ЛШ во 2017/2018 година, но откако лани ја врати шкотската титула од Ренџерс, повторно е меѓу европската елита. Гостите од Мадрид се актуелни шпански и европски шампиони, но менаџерот на Селтик, Анџ Постекоглу, сака неговите играчи да гледаат на ривалот како на тим што може да го победат.
– Во вакви ситуации, подобро е да ги замените дресовите со играчите на кои им се восхитувате откако ќе ги победите, наместо само да ги замените за да ги имате во вашата колекција – рече Постекоглу.
На претходната средба со Реал, во четврт-финалето на тогашниот Куп на европските шампиони (КЕШ) во 1979/1980, шкотскиот тим победи дома со 2-0, но во реваншот загуби со 0-3.

Последниот пат кога Холанд го посети стадионот „Рамон Санчез-Писхуан“ во Севилја, со Борусија Дортмунд, во осминафиналето на ЛШ во 2020/2021 (2-3, два гола даде Холанд), шпанскиот спортски весник „Марка“ извештајот од натпреварот го започна со зборовите: „Чудовиштето се појави“. Во реваншот во Дортмунд (2-2), норвешкиот напаѓач постигна уште два гола (вкупно 5-4), по што „Марка“ заклучи дека „ниту една одбрана не може да го спречи“, но Севилја сега ќе се обиде да докаже дека тоа тврдење е погрешно. Сепак, статистиката сугерира дека Севилја ја очекува тешка вечер оти Холанд постигна хет-трик на дебито во ЛШ за Салцбург (победа против Генк од 6-2 во септември 2019-та) и погоди двапати на првиот натпревар во ЛШ со Борусија, за победа над ПСЖ, од 2-1, во осминафиналето во февруари 2020 година.
Во натпреварите што се на програмата в среда, во „групата на смртта“ (во неа е и ПСЖ) се среќаваат Интер – Баерн Минхен.

Сигурно ова е најпредизвикувачката група, но мислам дека можеме да завршиме како првопласирани – изјави 35-годишниот тренерот на Баварците, Јулијан Нагелсман, додавајќи оти верува дека неговиот тим може да одговори на секој предизвик.
Баерн Минхен постигна 20 гола на првите четири првенствени натпревари сезонава во Бундес-лигата, а Садио Мане, кој дојде од Ливерпул, се погрижи да не се почувствува заминувањето на Роберт Левандовски во Барселона. За Интер, предводен од Симоне Инзаги, кој лани беше втор во Серија А, адути во нападот се Един Џеко, Лаутаро Мартинез и Ромелу Лукаку.

Л.Д.


Распоред на натпреварите, 1. коло

Вторник
Група Е: Динамо З.- Челси, Салцбург – Милан
Група Ф: Селтик – Реал Мадрид, Лајпциг – Шахтар
Група Г: Севилја – Манчестер С., Борусија Д. – Копенхаген
Група Х: ПСЖ – Јувентус, Бенфика – Макаби Х.

Среда
Група А: Ајакс – Ренџерс, Наполи – Ливерпул
Група Б: Атлетико – Порто, Бриж – Баер Л.
Група Ц: Интер – Баерн М., Барселона – Плзен
Група Д: Ајнтрахт Ф. – Спортинг, Тотенхем – Марсеј