Фото: Игор Бансколиев

Новиот премиерлигаш Нотингем форест го собори британскиот рекорд за најмногу засилувања во еден преоден рок. Летово „шумарите“ купија дури 21 фудбалер, со што го надминаа претходниот британски рекорд од 19 засилувања, кој заедно го држеа шкотските клубови Данди јунајтед од летото 2000-та и Ливингстон од 2001 година, според интернет-сајтот „Трансфермаркт“.
Рекордот во Англија претходно го држеше Кристал палас, кој во летото 2013-та се засили со 17 играчи, за потоа, во зимскиот преоден рок, да ангажира уште петмина нови играчи и да ја зголеми вкупната бројка за таа сезона на 22!
Процените се дека Нотингем форест летово за купување играчи потрошил околу 140 милиони фунти, речиси ист износ колку што изнесува наградата за пласман во Премиер-лигата (170 милиони фунти).
Нотингем форест, кој е за првпат во Премиер-лигата по 23-годишна пауза, има освоено само една титула првак на Англија (во 1978) и две на Европа (1979 и 1980-та).

Л.Д.