Со постојано растечката база на спортски гледачи и постојаниот напредок на вештачката интелигенција (ВИ), неизбежно е спортот и вештачката интелигенција да продолжат да се испреплетуваат, обликувајќи ги постојните и новите трендови во индустријата, а со оглед на тоа што се прогнозира дека глобалниот пазар на вештачката интелигенција во спортот ќе достигне 19,2 милијарди долари до 2030 година, јасно е дека ВИ не е само поим, туку има потенцијал да го преобликува начинот на кој настапуваат спортистите, како се ангажираат гледачите, како се судат мечевите…, пишува магазинот „Форбс“

„ФОРБС“

Интересот за големите спортски настани придонесе вредноста на спортскиот пазар во 2023 година да достигне 512,14 милијарди долари, а вештачката интелигенција (ВИ) има способност да го забрза овој раст преку зголемување на спортскиот ангажман, анализа и предвидување, заедно со доставување податоци во реално време до спортистите, радиодифузерите, спонзорите и до гледачите, зацврстувајќи ја улогата на ВИ во спортскиот бизнис, пишува магазинот „Форбс“. Во продолжение за неколку тренда во вештачката интелигенција што влијаат на иднината на спортот.

ТРЕНИНЗИ НА СПОРТИСТИ

Вештачката интелигенција, со својата аналитичка моќ, може да биде моќна алатка кога станува збор за следење во реално време, евалуација на перформансите на спортистите и режими за тренирање. Во различни спортови, неговото влијание е очигледно. На пример, НБА се здружи со технолошката фирма „Секонд спектрум“ за да користи податоци напојувани со вештачка интелигенција за да ги процени перформансите и на играчите и на тимот, овозможувајќи им на тренерите да донесуваат стратегиски одлуки во реално време. Спектрум е партнер и со англиската фудбалска Премиер-лига и со американската фудбалска МЛС-лига. Друг официјален партнер во НБА, „Хоум корт“, користи вештачка интелигенција за да им помогне на кошаркарите да ја усовршат техниката на шутирање и да ги следат нивните перформанси.
„Сиетл спорт сајансис“ користи вештачка интелигенција за да ги процени вештините на фудбалерите. Компанијата, исто така, соработува со Светската фудбалска федерација (ФИФА) за да ја калибрира технологијата за гол-линијата. Во голфот, апликација ги проценува замавнувањата на голферите со помош на алгоритми за компјутерска визија за вештачка интелигенција, нудејќи персонализирани совети засновани на биомеханика, слично како да имате експерт покрај себе, пишува „Форбс“.

ПОДОБРУВАЊЕ НА АНГАЖМАНОТ НА ГЛЕДАЧИТЕ

Истражувањата покажуваат дека приближно 57,5 милиони гледачи во САД месечно гледаат дигитални спортски содржини во живо, со очекувано зголемување до над 90 милиони до 2025 година. ВИ го зајакнува ангажманот на публиката преку персонализирана комуникација, овозможувајќи активно учество и анализа на играта. На пример, годинава тенискиот турнир Вимблдон соработуваше со ИБМ за употреба на вештачка интелигенција за аудиокоментари и титли за видеата за интернет. Друг пример е шпанската фудбалска Ла лига, која користи вештачка интелигенција за ангажирање на гледачите, нудејќи увиди базирани на податоци преку својот софтверски портал. Гледачите уживаат во анализа на перформансите на играчите во реално време и веројатноста за постигнување гол, персонализирана содржина и подобрени преноси во живо со графика генерирана од вештачка интелигенција. И четботот на Арсенал им обезбедува на гледачите информации за натпреварот, содржина од зад сцената и статистика на играчите на интерактивен и духовит начин.

ПОПРАВЕДНИ СУДИСКИ ОДЛУКИ

Судењето во спортот е работа со висок притисок и висок ризик, која вклучува одлуки во дел од секундата, што понекогаш може да доведе до контроверзии. Вештачката интелигенција се тестира во различни спортови за да се подобри процесот, за да го направи потранспарентен и поправеден. На пример, во боксот ВИ собира обемни податоци за натпреварите во 50 клучни метрики за секој боксер, овозможувајќи откривање неправилна игра, пишува „Форбс“. За време на фудбалското Светско првенство во Катар во 2022 година, вештачката интелигенција им помагаше на судиите со следење на позициите на фудбалерите преку камери и преку сензор во топката. Слично на тоа, на Светското првенство во уметничка гимнастика во 2019 година, системот за поддршка на судиите употреби вештачка интелигенција и 3Д-сензори за претворање на движењата на гимнастичарите во нумерички податоци, помагајќи им на судиите во нивните процени. Трансформативниот потенцијал на вештачката интелигенција во спортското судење продолжува да се развива, бидејќи се фокусира на обезбедување одлуки без човечки грешки и предрасуди, пишува „Форбс“.

ПРЕДВИДУВАЊЕ НА ПЕРФОРМАНСИТЕ НА ИГРАЧИТЕ И ПРЕВЕНЦИЈА ОД ПОВРЕДИ

Една од најистакнатите употреби на вештачката интелигенција во спортот лежи во предвидувањето на перформансите на играчите преку анализата на податоци. На пример, во МЛБ-лигата во бејзбол се користи „Статкаст“, алатка за вештачка интелигенција што ги следи и ги проценува движењата на играчите, брзината, аглите на исфрлање на топчето и брзините на излез, нудејќи им сеопфатни податоци на играчите, тренерите и на гледачите. На сличен начин, „Статс перформ про вижн“ нуди податоци за перформансите за повеќе спортови. Овие податоци овозможуваат детална анализа и споредби, обезбедувајќи доследно собирање податоци, топка по топка, низ сите формати, пишува „Форбс“. Анализата на играчите управувана од вештачката интелигенција е, исто така, клучна во процената и во превенцијата на ризикот од повреди, што на крајот ги подобрува перформансите на играчите. На пример, „Спарта сајнс“ користи вештачка интелигенција и систем со голема брзина за да собере 3.000 точки на податоци во секунда, оптимизирајќи програми за тренинг. НФЛ, со веб-услугите на „Амазон“, создаде „Дигитален спортист“, алатка за вештачка интелигенција што користи ТВ-снимки и сензори за да им ја подобри безбедноста на играчите. Со генерирање дигитална реплика на спортисти во виртуелен простор и користење машинско учење и компјутерска визија, тој идентификува влијанија и предлага начини за намалување на повредите.

ПОДОБРУВАЊЕ НА СПОРТСКАТА ОПРЕМА

ВИ се користи и за зголемување и подобрување на спортската опрема. Во американскиот фудбал е вградена во влошките за чевли и користи машинско учење за следење на движењата, што потоа може да се прикаже во виртуелниот свет и за подобро ангажирање на гледачите и за увид на играчите. Во голфот, решенијата напојувани со вештачка интелигенција комбинираат симулација, машинско учење и аналитика на податоци за да ги оптимизираат дизајнот и перформансите. Во тенисот, пак, тениски рекет беше дизајниран со користење т.н. модели „од текст во слика“. Рекетот е со полесна и со поцврста конструкција. Во Формула 1 тимовите користат симулации со вештачка интелигенција за да ги оптимизираат стратегиите на трката со анализа на клучните променливи како што се временските услови, натпреварувачите, застанувањата во боксот, условите на патеката, судирите и механичките проблеми. Овие симулации, исто така, ги идентификуваат слабостите на болидот и потенцијалните неуспеси, помагајќи им на тимовите да останат во рамките на буџетските ограничувања.

ПОТЕНЦИЈАЛ

Со постојано растечката база на спортски гледачи и постојаниот напредок на вештачката интелигенција, неизбежно е спортот и вештачката интелигенција да продолжат да се испреплетуваат, обликувајќи ги постојните и новите трендови во индустријата, пишува „Форбс“. Со оглед на тоа што се прогнозира дека глобалниот пазар на вештачка интелигенција во спортот ќе достигне 19,2 милијарди долари до 2030 година, јасно е дека вештачката интелигенција не е само поим, туку има потенцијал да го преобликува начинот на кој настапуваат спортистите, како се ангажираат гледачите, па дури и како се судат мечевите, пишува „Форбс“.
Н.М.