Фото: Маја Јаневска-Илиева

Дарио Ивановски го освои третото место, Адријана Поп Арсова победи во полумаратонот

АТЛЕТИКА – 19. СКОПСКИ МАРАТОН

Кенискиот атлетичар Виктор Киплагат убедливо победи на 19. Скопски маратон вчера во Скопје, претрчувајќи ја патеката од 42,195 км за 2 часа, 15 минути и девет секунди. Втор низ целта помина неговиот сонародник Чериот Лабан (2:16,03), а Дарио Ивановски имаше одличен настап освојувајќи го третото место со време 2:19,08 часа.
– Првпат сум во Македонија. Задоволен сум од патеката, ко ја беше рамна, и што успеав да победам на Скопскиот маратон. Немав никакви кризи во текот на моето трчањето и сѐ помина во ред – изјави Киплагат.
Во женска конкуренција славеше Кенијката Рут Матебо, со време од 2:44,17 часа, зад неа беше нејзината сонародничка Мерси Кипкемои (2:44,52), а трета е Србинката Марија Врајиќ (3:12,51). Од македонските маратонки четврта е Билјана Кираџиева (3:15,17).
Во полумаратонот во машка конкуренција победи Бен Фелтон од Велика Британија (1:09,17 час), зад него беше Србинот Велимир Бојовиќ (1:09,55), а Македонецот Леонид Вандевски е трет (1:10,10). Кај дамите најбрза беше Адријана Поп Арсова (1:21,19) од Македонија.
– Постигнатото време за мене е задоволително со оглед на тоа што правев пауза, па допрва ќе ја градам формата. Денеска сум задоволна од истрчаното и ја остварив својата цел – рече Поп Арсова.
Според информациите од организаторот, на најмасовната спортска манифестација „Скопски маратон“, која се состои од трките маратон (42,195 км), полумаратон (21,097 км), штафетен маратон, „ЕУ за спорт“ (10-11-10-11 км) и трката за рекреативци на пет километри, беа пријавени над 11.000 атлетичари и атлетичарки, од кои на полумаратонот 8.247.
– Првите впечатоци се задоволителни. Годинава како што разбрав од самите натпреварувачи имало подобра атмосфера на патеката. А тоа е она што недостигаше на маратонот, да има повеќе публика што ќе ги бодри натпреварувачите. Годинава немаше нови рекорди, но временските услови беа такви и сѐ уште е топло. Најважно е тоа што сѐ беше под контрола – изјави директорот на Скопскиот маратон, Кире Синадиновски. Г.И.


Јачевска: Скопскиот маратон уште еднаш потврди дека е радост на градот

Традиционално, редакцијата на дневниот весник „Нова Македонија“ и годинава имаше свои претставници на атлетскиот Скопски маратон. Новинарката Сања Јачевска и ликовно-графичкиот уредник Гоце Цветаноски беа дел од полумаратонската трка (21 км).
– Уште една битка со себе извојував на скопските улици. Задоволна сум од резултатот, иако не си ја исполнив зацртаната цел. Во секој случај го подобрив перформансот во трчање. Секоја година си наоѓам илјада причини да продолжам да трчам, но секогаш се враќам таму каде што почнав. Се сведува на познатата „тркачка еуфорија“ што те совладува и нагонот за себеподобрување. Скопскиот маратон уште еднаш само потврди дека е радост на градот – изјави Јачевска.