Неколкуте летни зделки, меѓу кои е продажбата на ТВ-правата, овозможија зголемување на платите, објави Ла лига

ШПАНИЈА – ЛА ЛИГА

Барселона забележа убедлива победа на гости над Кадиз, со 4-0, на мечот во фудбалската лига на Шпанија, кој беше во прекин педесетина минути поради укажувањето медицинска помош на еден гледач на трибините. Барселона ја прокнижи четвртата последователна победа во Ла лига, по што по пет кола се искачи на врвот на табелата со 13 бода (гол-разлика 15-1), два повеќе од бранителот на титулата Реал Мадрид, кој вчера играше со Мајорка. Еден од четирите гола постигна Роберт Левандовски, вкупно девет на шесте меча откако летово пристигна во Барселона од Баерн.
Но покрај резултатски добриот почеток на новата фудбалска сезона, Барселона почна да се стабилизира и на организациско-финансиски план. Неколкуте летни зделки, меѓу кои е продажбата на ТВ-правата, овозможија зголемување на платите од минусните 144,3 милиони во март на 656,4 милиони во септември, објави Ла лига, која јавно ги објави ограничувањата за плати на екипите по летниот преоден рок. Бројките ја откриваат целосната трансформација на финансиите на Барселона, но и огромниот јаз меѓу најбогатите шпански клубови и другите.

Барселона потроши околу 153 милиони евра за трансфери на нови играчи летово, меѓу кои се Левандовски, Рафиња и Жил Кунде, како и слободните фудбалери Андреас Кристенсен и Франк Кеси, но инкасира многу повеќе продавајќи ги идните права. Клубот ѝ продал 25 отсто од домашните ТВ-права за следните 25 години на американската инвестициска компанија „Сикст стрит“ за околу 400 милиони евра и нешто помалку од 50 отсто од „студиото Барса“, кое се занимава со дигиталниот бизнис и со аудиовизуелните продукции на клубот, на двајца инвеститори, за 200 милиони евра.
Ла лига го ажурира ограничувањето на платите неколкупати во сезоната врз основа на соодносот помеѓу приходите и трошоците. Ограничувањата ја одредуваат сумата што клубовите можат да ја потрошат на играчи, на главниот тренер, на помошниот и на фитнес-тренерот на првиот тим, како и на клупските академии. Реал Мадрид води на таа листа со ограничување од 683,4 милиони евра, што е помалку од 739 милиони евра во март. Барселона е втора, трет е Атлетико со 341 милион, па Севилја со 200 милиони евра итн. Осум клуба можат да потрошат 52 милиони евра или помалку. Л.Д.