Знаете, сакам тимот да игра на одреден начин и колку сме поконстантни во тоа, толку повеќе ќе победуваме. Има возбуда и ние треба да бидеме возбудени и да ја прифатиме можноста што ја имаме пред нас, изјави Артета за „Скај“, пренесе АФП

ФУДБАЛ – ПО СП 2022, ПРЕМИЕР-ЛИГАТА ДЕНЕСКА ПРВА ЈА ПРОДОЛЖУВА СЕЗОНАТА

По шест недели пауза поради Светското првенство, денеска продолжува англиската фудбалска Премиер-лига, во која Арсенал води по одличните први 14 натпревари од сезоната. Премиер-лигата прва ја продолжува сезоната од петте најсилни домашни првенства во Европа (Англија, Германија, Франција, Шпанија и Италија). Арсенал собра 37 бода по најдобриот почеток на сезоната во Премиер-лигата и има пет повеќе од второпласираниот Манчестер сити. Сите седум екипи што победија на 12 од нивните први 14 натпревари ја освоија титулата во Премиер-лигата, а тимовите што беа на врвот на табелата на Божиќ беа шампиони во десет од изминатите 13 сезони, пишува „Би-би-си“. Во првиот натпревар по паузата, Арсенал игра со Вест Хем, дома.
Микел Артета најави дека лидерот Арсенал ќе продолжи оттаму каде што застана, за освојување на првата титула во Премиер-лигата од 2004 година, пишува агенцијата АФП. „Топчиите“ беа во одлична форма, со 12 победи на 14 натпревари, кога лигата замина на пауза за време на Светското првенство.
– Знаете, сакам тимот да игра на одреден начин и колку поконстантни сме во тоа, толку повеќе ќе победуваме. Има возбуда и ние треба да бидеме возбудени и да ја прифатиме можноста што ја имаме пред нас – изјави тој за „Скај“, пренесе АФП.
Актуелниот шампион Манчестер сити в среда гостува кај Лидс. Третопласираниот Њукасл гостува кај Лестер денеска и ќе сака да продолжи таму каде што застана, пишува „Би-би-си“. Шеста последователна победа ќе го премести над Манчестер сити и на второто место. Четвртопласираниот Тотенхем, кој денеска гостува кај Брентфорд, го победи Лидс пред паузата, но загуби три од претходните четири меча. Челси нема победа на пет натпревари во Премиер-лигата, а паузата од Светското првенство ја помина на осмото место. Според првите 14-15 натпревари, трката за опстанок сезонава би можела да биде неизвесна, пишува „Би-би-си“. Само девет поени ги делат 12-те тима во долниот дел од табелата.

По Светското првенство, Арсенал би можел да биде погоден како резултат на сериозната повреда на коленото на бразилскиот напаѓач Габриел Жесус, кој може до крајот на февруари да се врати на теренот, по импресивниот почеток на сезоната, иако не успеа да постигне гол на шест првенствени натпревари пред паузата, пишува „Би-би-си“. Спротивно на тоа, и покрај тоа што имаше најмногу играчи од кој било клуб на Светското првенство, 16, Манчестер сити моментно нема повредени фудбалери. Повеќемина од нивните претставници на СП беа надвор од турнирот до полуфиналето, освен Аргентинецот Хулијан Алварез, пишува „Би-би-си“. Дополнително, најдобриот стрелец во Премиер-лигата, Ерлинг Холанд, можеше да одмора пет недели, подготвен да се врати и да се обиде да го зголеми својот извонреден ефект од 18 гола на 13 натпревари. Норвешкиот напаѓач го одигра својот прв натпревар за Манчестер сити по поразот во ноември од Брентфорд во победата во пријателски меч против Џирона, со 2-0, на 17 декември, и постигна гол, како и Белгиецот Кевин де Брујне. Од повредените пред Мундијалот, на пример Рис Џејмс и Весли Фофана во Челси, напаѓачот на Њукасл, Александар Исак и Доминик Калверт-Левин од Евертон би можеле да се вратат, а напаѓачот на Ливерпул, Луис Дијаз, имаше операција на коленото и се соочува со уште три месеци пауза, пишува „Би-би-си“. Од денеска до крајот на јануари има пет кола во Премиер-лигата, во минатата недела се играа мечеви од Карабао-купот, третото коло од ФА-купот треба да се игра од 6 до 9 јануари, пред некои тимови да се вратат во европските купови во средината на февруари, пишува „Би-би-си“.