Фото: Игор Бансколиев

Несомнено последните неколку години, особено по приемот на Македонија во НАТО, има детектирано некакви активности на терен (од страна на стратегиските партнери на Македонија од областа на безбедноста), кои идентификуваат форми на хибридна војна, па дури и за организирање терористички напади. Тоа неодамна го изјави и потврди и претседателот Стево Пендаровски, кој дополнително ја изненади јавноста, при што без дополнителни детали откри дека „од странство биле подготвувани терористички напади, но тие биле спречени во фазата на подготовка“

Психозата поради безбедносните закани веќе ја постигнува својата цел

Војната во Украина предизвика една нова состојба на тлото на Европа, вклучувајќи ја и Македонија. За голема жал, се уверивме дека дури и во 21 век се можни воени конфликти што имаат несогледливи размери, не само од безбедносен туку и од економски, финансиски, енергетски, прехранбен и, секако, здравствен аспект, вклучувајќи и сериозно влијание врз психата на граѓаните.
Без оглед што во изминатиот период надлежните министерства и властите уверуваат дека безбедносната ситуација е стабилна, секојдневните епизоди со дојави за поставени бомби во училиштата, аеродромите, трговските центри, хотелите, министерствата, станбените објекти, создаваат непријатна атмосфера на несигурност, без оглед на уверувањата дека сите дојави се лажни.

Загрижените влади на Германија и САД повикуваат на внимателност при престој на нивните граѓани во Македонија

Заканите за подметнати бомби, но и други индикатори што биле предмет на анализа поврзани со безбедносната состојба во земјава, беа доволна причина за вклучен аларм стратегискиот партнер САД, но и Германија, да ги повикаат своите државјани на внимателност при престој во Македонија.
– Има пораст на пријавени закани за бомби повеќепати неделно низ Скопје и регионот, на станици за јавен превоз, аеродроми, хотели, трговски центри, спортски центри и училишта. Локалните органи за спроведување на законот ја истражуваа секоја закана и досега сите закани за бомби беа лажни. Ако се најдете на локација што добила закана за бомба, следете ги упатствата на локалниот безбедносен персонал и полицијата на самото место – порачаа од Амбасадата на САД во Скопје.
Несомнено последните неколку години, особено по приемот на Македонија во НАТО, има детектирано некакви активности на терен (од страна на стратегиските партнери на Македонија од областа на безбедноста), кои идентификуваат форми на хибридна војна, па дури и за организирање терористички напади. Тоа неодамна го изјави и потврди и претседателот Стево Пендаровски.
– Нема да навлегувам во детали, но според податоците добиени од НАТО, во изминативе години најмалку трипати биле пресретнати терористички напади, а сè уште биле во подготвителна фаза што се случувала надвор од нашата територија – рече Пендаровски во својот годишен говор пред Собранието.
Тој нагласи дека Алијансата активно ѝ помага на Македонија во однос на детектирани хибридни и терористички закани, пред сè поврзани со повратниците од војните на Блискиот Исток.

Како размислува обичниот граѓанин, а како експертите од областа на безбедноста по прашањето за безбедносните закани?

По приемот во НАТО, македонските граѓани со право очекуваа безбедноста во државата да биде на повисоко ниво, но хибридните закани продолжуваат да го поткопуваат нивниот спокој и комфор.
– Непријатна е целата оваа ситуација со заканите со бомби. Особено е непријатно што под закана се нашите деца. Знам дека речиси сите дојави се лажни, но сите како родители нè гризе црвот, што ако некаде, не дај боже, навистина пукне. Мислам дека нашиве треба да побараат посериозна помош од НАТО, оти ова веќе ќе помине во психоза меѓу луѓето, секојдневно да живееме во страв и да трчаме да си ги собереме децата од училиште. Па, и тие почнаа да живеат во атмосфера на страв, наместо да имаат безгрижно и весело детство – вели Ангел Петрески, биотехнолог.
Безбедносните експерти сметаат дека домашните институции мора да се зајакнат за да реагираат на секакви закани, па и на овие што ни се случуваат сега.
– Мора да ги подготвиме институциите максимално за да немаме поголеми последици. На тие што ги прават овие напади им е важна последицата. Тие веќе ја постигаат својата цел, предизвикување страв кај граѓаните. Сите ние веќе сме под некаква тензија, под некој страв. Ако, пак, некаде се случи да биде поставена вистинска експлозивна направа, тоа ќе значи поголем страв, подигање на самото ниво на претпазливост и едноставно ќе дојдеме во една голема хаотична состојба ,која мораме да ја решаваме навремено – вели Злате Димовски, експерт и професор на Факултетот за безбедност.
Според него, она што во овој момент е најевидентно, тоа се заканите преку електронска пошта упатени до инфраструктурни цели во кои се наоѓаат голем број луѓе, а во некои од нив и деца.

– Ова што го гледаме досега, тоа е напад на инфраструктурата, таканаречени меки цели, каде што ние и немаме некаква заштита, имаме во одреден момент голема концентрација на луѓе и многу лесно може таму да се пробие кој било, односно да влезе физички и да го направи она што не би го посакувале во никој случај. Тие намерно ги избираат ваквите цели и тоа се главните цели на тероризмот – појаснува Димовски.
Армискиот генерал во пензија Митре Арсовски смета дека целта на тероризмот и на ваквите хибридни закани е да се внесе страв меѓу населението за полесно да се остварат некои други цели.
– Притисокот е врз граѓаните. Тие се оние што секојдневно се соочуваат со тие закани и со право чувствуваат страв. Овие работи многу тешко се откриваат, така што не верувам дека НАТО би можел многу да ни помогне. И во други земји се случува ова. Ако постои развиена мрежа на разузнавачи што знаат што прават, тие веднаш ќе ги откријат заканите и центрите од каде што тие доаѓаат. За жал, ние немаме таква ефикасна разузнавачка мрежа и ни се случува слободно да поминат многу работи што требало да се спречат – вели Арсовски.
Универзитетскиот професор по безбедност Методи Хаџи-Јанев го дели мислењето дека домашните институции се тие што треба да преземат повеќе активности за да се спречи заканата.
– Мораме да бидеме коректни и да кажеме дека забелешките дека институциите не направиле доволно се во ред. Неминовен е фактот дека тие (институциите) треба да работат на поголема будност, но и на градење на капацитетите – вели Хаџи-Јанев и прашува колку државата активно вложува во градење добар систем за заштита од кибернетички напади.
Тој дополнително укажува дека безбедносните служби треба да бидат внимателни и да останат на нивото на задачата, зашто една од можните цели на овие напади е нивно истоштување.
И другите соговорници на весникот се согласуваат дека хибридните закани, како и последните изјави што доаѓаат од страна на шефот на државата за спречени терористички напади од страна на НАТО, нема да влијаат на намалување на стравот меѓу граѓаните.
– Некој сака да предизвика страв меѓу населението и успешно го прави тоа. Од каде доаѓаат нападите, може само да претпоставуваме. Но можеби не треба да се исклучи и сценариото дека некој можеби намерно сака да ги исплаши граѓаните и да им порача дека ако не влеземе во ЕУ, ние сме готови. Како и да е, институциите мора да си ја завршат својата работа околу безбедноста дома, а од НАТО да се бара само некаква асистенција или евентуално стручна помош бидејќи има повеќе искуство со вакви хибридни закани. Мора да се вратат безбедноста и спокојот на граѓаните – категорични се нашите соговорници.