Фото: Маја Јаневска-Илиева

Да се живее во Скопје, да се има статусот на „скопјанец“, согледано од повеќе аспекти на македонската реалност, ги наметнува прашањата дали е тоа привилегија, предизвик или само патемна станица до некоја поперспективна дестинација. „Нова Македонија“ го објавува фељтонот „Скопје – утопија, визија, реалност“ на универзитетскиот професор, социологот Илија Ацески, кој преку свои студиски истражувања и анализи ги согледува корените на актуелните предизвици на македонската метропола, но и насочува на целите кон кои треба да се дејствува во плановите за негов развој

Фељтон: Скопје – утопија, визија, реалност (13)

Потребни се заеднички планови за дејствување. ГУП е стратегиски документ во таа насока. Тој мора да ја потенцира важноста на урбанистичкото уредување во насока на здрава средина за живеење

За остварување на основните цели за формирање претпоставки за здрав одржлив град е потребно да се идентификуваат главните субјекти што придонесуваат за загрозување на животната средина во градот.
Имено, главните актери на заштитата мора да преземат активности што ќе значат во секој поглед подобрување на животната средина.Тие мора да станат свесни за сложеноста на ситуацијата во која се наоѓа животната средина. Потребни се заеднички планови за дејствување. ГУП е стратегиски документ во таа насока. Тој мора да ја потенцира важноста на урбанистичкото уредување во насока на здрава средина за живеење.
Потоа, потребна е организирана активност од страна на невладините организации за заштита на средината. Пасивниот однос на еколошките друштва, отсуството на јасна визија и осмисленост на активностите само го поттикнуваат бирократскиот однос на институциите.
И најпосле неопходно е да се започне со планирање еконаселби, особено во приградската зона, и да се спречат секоја деградација и загрозување на животниот простор. Здравата животна средина и нејзината заштита претпоставуваат воспоставување екостандарди што најмногу придонесуваат за нејзиниот квалитет. Генералниот урбанистички план е добра основа за тоа.
Во правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, предложен од Владата на Република Северна Македонија, се предлага земјиштето што е планирано или на кое има изведено парковско или заштитно зеленило или, пак, простор за рекреација, да не може да се пренамени во друга намена (домување, комерцијални објекти, јавни објекти или, пак, објекти за производство) и пренамена на земјиштето може да се направи сам со ГУП на градот. Потоа, се предлага минимален процент на зеленило по жител на ниво на генералниот урбанистички план, кој секако треба да е усогласен со Законот за урбано зеленило, но зајакнат во насока да се обезбеди минимален процент на јавно зеленило, што претставува најмалку 20 проценти зеленило на градежните парцели со други класи на намена.

Интересен е случајот со Маџир Маало, едно од 32 кварта на општината Центар, за кое не постои согласност за тоа дали изградбата на овој простор е усогласена со ГУП на Скопје, што е доволна причина да се оправда секоја иницијатива за промена, изградба или некаква интервенција за која има заинтересирани страни.
Маџир Маало се простира на околу 0,1 квадратен километар површина, кое, како што вели еден аналитичар, „спојува историја од еден и пол век. Наследството од првите турски доселеници од 1870-тите се наоѓа покрај куќите на угледните граѓани од 1920-тите, домовите на работничките семејства од 1960-тите и полураспаднатите куќи на сиромашните од сите епохи“, но последните неколку години се додадени десетина нови седумкатници, односно со ДУП од 2011-та и негова доработка од 2018 година се предвидува да бидат околу 80, поврзани со триесетина станбени блока. Имено, во околу 1.700 стана треба да живеат околу 6.200 жители, без соодветна инфраструктура, градинки, училиште, паркирање. Тоа е строг центар на градот. Нема предвидено зелени површини, а ни третина од потребите за паркирање. Без разлика колку од проектираното ќе се реализира, што не е толку значајно за нашата анализа, останува поразителното сознание за состојбата во која се наоѓаат планирањето, од една страна, и можностите за манипулација на оние што го користат просторот за брзо богатење, од друга страна, на сметка на здравјето и квалитетот на живот на граѓаните. Овој случај отвора многу прашања што се поврзани со плановите на локално ниво и на ниво на градот или, уште поконкретно, како со плановите може да се манипулира од оние што последните десетина години се именуваат како урбанистичка мафија. Се разбира, следуваат ревизии, дополнувања, усогласување со некои принципи на здрав и одржлив град, кои не мора да резултираат со некои посакувани нормални решенија. Случајот со Маџир Маало потврдува неколку практики кога станува збор за урбанизација на делови од централното подрачје.

Пред сѐ бетонизацијата, како поим што се однесува на каква било градба на површини што имаат некаква намена или се слободни во центарот, говори за,,црниот капитал“ што го има во огромни количества, кој бара начин како да се испере, да му се мултиплицира вредноста и да се вгради во облик на недвижности во атрактивна средина. Маалото е школски пример на употреба на приватниот капитал што за свој интерес и за интересите на моќните од локалната и централната власт, кои ја злоупотребуваат својата функција, создава услови за профитерство на сметка на јавното добро и ги доведува во прашање основните принципи на одржливост на градот и безбедноста на граѓаните. Бескомпромисната битка за профит, како што забележуваат некои од урбанистите и архитектите, трае предолго, континуирано и крајно деструктивно во развојот на градот во посакувана насока на одржливост. Или како што вели еден архитект, „властите, сосема комотно, процесот на отуѓување на државните и природните ресурси го публикуваат како јавен интерес, како развој и разубавување“.
Некои со право ја споредуваат урбанистичката мафија со математичка аксиома, која е вистина ама не се докажува, па нејзиното постоење е јавна тајна. Се гради неплански, на места каде што не смее да има објекти или не се предвидени баш такви какви што се градат. Се менуваат урбанистички планови за лични интереси. Судските разврски за криминал во урбанизмот ретко се гледаат во јавноста. Граѓаните велат дека во Македонија постои урбана мафија, но подобро е да не зборуваат и да не спомнуваат имиња, затоа што може да налутат некого, па лошо да си поминат. Борбата за профит исфрли на површина голем број корумпирани политичари, инвеститори, планери, кои, за подолг период, го доведоа во прашање квалитетот на живот на скопјани.

Илија Ацески

(продолжува)