Истанбул и стадионот „Кемал Ататурк“ вечерва требаше да бидат домаќини на финалето во Лигата на шампионите, но поради пандемијата на коронавирусот УЕФА ги суспендира натпреварите и крајно неизвесно е кога и во каков формат тие ќе се доиграат

Петнаесет години по „Чудото во Истанбул“, зачудувачкото враќање и победата на Ливерпул над Милан на пенали, откако на полувремето беше во негатива од 0-3, турската метропола и стадионот „Кемал Ататурк“ вечерва требаше да бидат домаќини на второто финале во Лигата на шампионите (ЛШ). Но поради пандемијата на коронавирусот Европската фудбалска унија (УЕФА) ги суспендира натпреварите во ЛШ на 23 март и крајно неизвесно е кога и во каков формат тие ќе се доиграат. Датум за продолжување на натпреварите сѐ уште не е објавен, но Турската фудбалска федерација (ТФФ) се надева дека финалето ќе се одигра во август, во Истанбул, објави „Асошијтед прес“ (АП).

За Турција организацијата на финалето во ЛШ е од големо економско и туристичко значење што ги надминува рамките на спортот. Туризмот, главниот двигател на економијата во Турција, сериозно е погоден од кризата така што финалето во Истанбул би бил добредојден поттик.
– Не очекуваме никакви проблеми во однос на логистиката. Но главната грижа за мене е дали навивачите ќе можат да дојдат тука. Турција генерално има проблем со својата промоција во странство, така што успешното одржување на големи настани секогаш претставува голем поттик за имиџот на земјата и за промоцијата на туризмот во Истанбул и пошироко – истакнува Емре Саригул, коосновач на специјализираната интернет-страница „Турски фудбал“.

Покрај датумот за финалето, во моментов постои неизвесност и за продолжувањето на мечевите во ЛШ. Постојат повеќе шпекулации, од играње само по еден меч во четврт-финалето и во полуфиналето, па до фајналфор-турнир.
За да се минимизира ризикот од ширење на вирусот преку патувања, би имало смисла натпреварите да се доиграат исклучиво на централизирана локација. Како добро и практично решение, односно стадиони и градови за преостанатите мечеви, се смета Германија. Тоа е првата земја што веќе ја покажа способноста за продолжување на сезоната на безбеден начин и која со протоколите го намали ризикот од организирање спортски настани, наведува шпанскиот спортски дневен весник АС.

Откако ќе завршат домашните сезони во Германија, Англија, Шпанија и во Италија, тимовите од тие земји во ЛШ би можеле да се соберат во Германија. Таму би биле во карантин, под контрола, и лесно би ги доиграле натпревари во забрзан формат.
Постојат некои размислувања дека сезонава во ЛШ треба да се поништи. Но бидејќи поради истите, финансиски причини, се рестартираа европските лиги, луѓето во УЕФА и во Европската клупска асоцијација (ЕЦА), решија дека „претставата мора да продолжи“.