Солскјер: Новите правила не смеат да го претворат фудбалот во рагби

АНГЛИЈА

Се чини дека фудбалот отиде од една крајност во друга, рече Солскјер за „Скај спорт“

Оле Гунар Солскјер го доведува во прашање новото толкување на правилата во англиската фудбалска Премиер-лига, по голот на Саутемптон против Манчестер јунајтед. Тој вели дека имало многу позитивни работи кај неговиот тим, на екипата ѝ биле потребни и „подобри реакции“, но и дека последните промени на правилата во Премиер-лигата не смеат да го претворат фудбалот во рагби, по голот на Саутемптон во неделното реми со Манчестер јунајтед, 1-1, пишува „Скај спорт“.
– Се чини дека фудбалот отиде од една крајност во друга – рече Солскјер за „Скај спорт“.

Норвежанецот смета дека судијата Крег Посон требало да го санкционира стартот на Џек Стивенс над Бруно Фернандес, во пресрет на воведниот гол на Саутемптон во неделното реми. Солскјер вели дека неговите играчи требало да ги преземат работите во свои раце пред ударот на Че Адамс да се одбие од Фред, но и дека тој смета дека имало очигледен прекршок. Сево ова е еден ден откако тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп, им порача на луѓето да „гледаат борење“ доколку им се допаднале некои од стартовите на играчите на Барнли, пишува „Скај спорт“.
– Се разбира, требаше да реагираме подобро. Можеби е малку среќно што се одби од Фред, но тој требаше да го блокира ударот. Значи, ни требаат подобри реакции кога не добиваме одлуки. Имаше прекршок. Тој минува директно преку Бруно. Се чини дека фудбалот помина од една крајност во друга. Не можеме да преминеме од една крајност, како кошарка минатата сезона, во рагби сега. Ми се допаѓа поблага интерпретација – вели Солскјер.

Меѓутоа, експертот за „Скај спорт“ и поранешен капитен на Манчестер јунајтед, Рој Кин, сепак, смета дека стартот на Стивенс бил фер.
– Фернандес мора подобро. Кога играте против подобри тимови, мора да бидете физички силни. Тоа е дел од играта што ја сакам – изјави Кин.