Реваншот од финалето на Копа либертадорес помеѓу аргентинските фудбалски клубови Ривер плата и Бока јуниорс повторно е одложен. Првиот меч заврши нерешено 2-2.

Според најавите кои доаѓаат од Аргентина, претседателите на двата клуба дополнително треба да одлучат каде ќе се игра натпреварот. Средбата меѓу раководствата на двата клуба е закажана за вторник. 

Реванш-мечот првобитно требаше да се игра синоќа, но беше поместен за 24 часа откако навивачите на Ривер плата го нападнаа клупскиот автобус на противничката екипа, во пресрет на дуелот на стадионот „Монументал“ во Буенос Аирес. 

Финалето е одложено по вторпат откако Бока јуниорс упати барање до Јужноамериканската фудбалска конфедерација КОНМЕБОЛ, да им овозможи повеќе време за закрепнување на фудбалерите повредени во инцидентот. 

Повеќе играчи на Бока јуниорс претрпеа исеченици од парчињата стакло од скршените прозорци на автобусот, како и потешкотии поради солзавецот што полицијата го употреби за да ги растера хулиганите кои фрлаа предмети кон возилото. Меѓу оние што се пожалиле на мачнина бил Карлос Тевез, додека капитенот Пабло Перез и Гонзало Ламардо биле испратени во болница поради повредите предизвикани од парчињата стакло.