Kлубот го ангажира Мартин Перт, фитнес-специјалист задолжен за силината и кондицијата на фудбалерите, кој ќе работи во стручниот штаб на Оле Гунар Солскјер, заедно со Мајк Филан, Мајкл Керик и Кјеран Мекена

По последниот пораз од Њукасл (0-1) на гостински терен, Манчестер јунајтед остана само на скромни девет бода, што е практично негов најлош почеток во една сезона уште од 1989/1990 година, кога во првите осум кола освоил осум бода и кога првенството го завршил на 13-то место. Но ваквиот лош старт е забележен пред ерата на Премиер-лигата, така што сегашниот се смета како најлош, односно откако се игра сегашната лига.

Токму затоа раководството на клубот го ангажира Мартин Перт, (41) фитнес-специјалист задолжен за силината и кондицијата на фудбалерите, кој ќе работи во стручниот штаб на Оле Гунар Солскјер, заедно со Мајк Филан, Мајкл Керик и Кјеран Мекена. Перт досега работел во Вотфорд, Кардиф, Ковентри, во репрезентацијата на Бахреин, а последниот негов ангажман бил во МЛС-лигата во тимот на Ванкувер Вајткепс.

Откако пред 27 години е формирана фудбалската Премиер-лига, вкупно шест клуба ги освојувале шампионските титули во едно од најатрактивните фудбалски првенства во светот. Но од нив, дури пет клуба (Челси, Манчестер сити, Арсенал, Блекбурн, Лестер) кога би ги здружиле своите титули би имале вкупно 14, односно само една повеќе од оној, шестиот клуб, Манчестер јунајтед, кој, пак, дури 13 пати бил првак во Премиер-лигата.

Но во последните пет години токму за Манчестер јунајтед титулата првак е недостижна, а годинава, пак, е само на два бода од зоната на испаѓање.
Потврда дека ова е така е ефектот на екипата на годинешните гостувања. По последниот пораз, првпат во историјата на Премиер-лигата, Манчестер јунајтед не успеал да забележи победа на осум настапи на гостински терен во низа. И тука, во оваа црна низа, може да се спореди само со онаа од 1989 година, кога на гости клубот не победил 11 натпревари во низа. Но и тоа било пред формирањето на Премиер-лигата.