Реал Мадрид, Барселона и Јувентус планираат да ја тужат УЕФА во Европскиот суд за правдата во Луксембург, објави британскиот весник „Фајненшел тајмс“

Шпанските гиганти Реал Мадрид и Барселона и италијански Јувентус, кои и понатаму се дел од т.н. европска фудбалска суперлига, планираат да ја тужат Европската фудбалска унија (УЕФА). Клубовите велат дека сакаат да го запрат „монополот“ на УЕФА што спречува создавање ривалски натпреварувања. Британскиот весник „Фајненшел тајмс“ објави дека видел документи што клубовите ќе ги поднесат до Европскиот суд за правдата во Луксембург. Весникот наведува дека клубовите од ќе побараат судот да одлучи дали УЕФА може да продолжи да дејствува како регулатор. Тие истакнуваат дека УЕФА не смее да ги санкционира клубовите додека профитира од организирањето турнири како што е Лигата на шампионите (ЛШ), се вели во документот.
Судот во Мадрид сега треба да го предаде предметот до Европскиот суд на правдата кој треба да донесе одлука за тоа дали статутите на УЕФА и на Светската фудбалска федерација (ФИФА), кои им даваат ексклузивни права да организираат фудбал во Европа, се компатибилни со правото на Европската Унија (ЕУ). Создавањето суперлига суштински би ги преобликувало фудбалските натпреварувања на домашно и на европско ниво. Првично, планот предложен од 12 клуба беше да се создаде суперлига со 15 постојани тимови од најбогатите европски лиги, кои никогаш не би испаѓале. Предлогот беше објавен во април, но многу бргу беше повлечен. Шест англиски клуба, а потоа уште три, од Италија и од Шпанија, се повлекоа само по неколку дена поради протестите на навивачите, лигите и на владите.
Минатиот месец, УЕФА ја поништи дисциплинската постапка против Барселона, Реал Мадрид и Јувентус, откако судот во Мадрид пресуди дека не може да ги санкционира поради одбивањето да се откажат од проектот „Суперлига“.