На неодамнешното чествување во родната спомен-куќа на Блаже Конески во Небрегово, на ООУ „Блаже Конески“ во Прилеп му беше доделена благодарница за зачувување и промовирање на ликот и делото на Блаже Конески. На настанот присуствуваа Ангелка Баракоска, директорка на училиштето, и учениците Ана Марија Манческа и Стефан Јаневски.
– Нашето училиште гордо го носи името на Блаже Конески, со завет да го продолжиме неговото дело пренесувајќи го на нашите најмлади и негувајќи ги традицијата и културата за која се залагаше великанот. Нашето мото е иднината е во нашата училница, затоа да ја негуваме и да вложуваме во таа иднина, внимателно да ја обликуваме, затоа што таа иднина е нашата младина, а она општество што вложува во својата младина има сигурна иднина – велат од училиштето.
Инаку, ученичката Лана Вученовиќ неодамна освои трета награда на конкурсот „Учителот“, распишан од страна на Центарот за литература, уметност, култура, ораторство и јазик при Педагошкиот факултет во Битола, по повод 100 години од раѓањето на Блаже Конески.
Исто така, на централната манифестација за одбележување на стогодишнината од раѓањето на Блаже Конески, одржана на 11 јуни, во организација на Општина Аеродром и фондацијата за македонски јазик „Небрегово“, со свои лични творби учествуваа учениците од ова училиште: Ана-Марија Манческа, Елена Јандреовски и Лорин Кочоски. Тие беа дел од конкурсот „Поетски пораки за Конески“, објавен од страна на фондацијата „Небрегово“.