Натпреварите на кои Ливерпул може да ја завери титулата во англиската фудбалска Премиер-лига најверојатно ќе се играат на неутрални стадиони, велат од националната полиција за работи поврзани со фудбалот. Тука спаѓа и локалното дерби, Евертон – Ливерпул, а можно е на неутрални стадиони да се играат и мечевите Манчестер сити – Ливерпул, Манчестер сити – Њукасл, Манчестер јунајтед – Шефилд и Њукасл – Ливерпул.

Премиер-лигата треба да се рестартира на 17 јуни, а Ливерпул е на врвот на табелата, со предност од 25 бода на девет натпревари до крајот на сезоната. Заменик-началникот Марк Робертс изјави дека вкупно шест натпревари може да се пренасочат на други стадиони по барање на локалните полициски сили, објави „Би-би-си“.
– Поголемиот дел од преостанатите натпревари ќе се играат дома и на гости, како што е предвидено, а мал број би требало да се одиграат на неутрални стадиони, за што допрва треба да се разговара.

Овој план постојано ќе се разгледува, за да се обезбедат јавното здравје и безбедноста, а клучен дел од ова се гледачите, кои треба да продолжат да ги почитуваат препораките за физичко растојание, а не да се собираат надвор од стадионите – изјави Робертс.