Ливерпул по 30 години повторно е на врвот во англискиот клупски фудбал. Во меѓувреме беа освоени и две титули првак на Европа (2005 и 2019), трофеј и во Купот на УЕФА (2001), но она што недостигаше и што толку многу беше посакувано е титулата во Премиер-лигата

ФУДБАЛ

Фудбалерите на Ливерпул го кренаа првиот трофеј како шампиони на Премиер-лигата, на подиумот изграден специјално за оваа пригода, на славната трибина „Коп“ и на празниот стадион „Енфилд“, каде што ја прославија вкупно 19-та титула првак на Англија. Џордан Хендерсон стана првиот капитен на Ливерпул што го крена победничкиот трофеј по 30-годишна пауза. Трофејот му го предаде клупската легенда, сер Кени Далглиш, кој пред три децении како менаџер и играч на тимот во сезоната 1989/1990 ја освои 18-та титула.
– Чекавме долго време на ова. Кревањето на трофејот беше неверојатно, мислам дека го заслуживме. Да се биде првак е навистина посебно, среќен сум и поради нашите семејства, кои можеа да ја споделат радоста со нас. Ова беше неверојатна сезона и многу сум среќен што сум дел од овој клуб и тим што триумфира во Премиер-лигата по 30 години. Ова беше мојот сон уште како дете. Затоа му се придружив на Ливерпул, за да освојувам трофеи – рече Хендерсон.

Кревањето на пехарот беше зачинето со огномет на церемонијата на доделувањето на медалите, по возбудливиот натпревар и победата над Челси со 5-3. Со триумфот над Челси, „црвените“ сезонава ја завршија без пораз дома, освојувајќи 55 од можните 57 бода, на стадионот каде што се во низа од 59 натпревари без пораз. Првпат во клупската историја Ливерпул не претрпел првенствен пораз на „Енфилд“ три сезони по ред. Ливерпул ја завери титулата на седум меча пред крајот на сезоната, што е ново рекордно постигнување, подобро од тоа на Манчестер јунајтед во сезоната 2000/2001 и на Манчестер сити во 2017/2018, кога станаа прваци на пет кола пред крајот на сезоната.
– Во овие моменти мора да застанеме една секунда, да погледнеме зад нас, да бидеме навистина среќни за тоа што го постигнавме, да уживаме заедно со нашите навивачи во светот. Да се биде шампион тука, на ова место, е најдоброто нешто што може да се замисли – изјави менаџерот Јирген Клоп.

Ливерпул повторно е на врвот во англискиот клупски фудбал по фрустрирачки 30 години. Во меѓувреме беа освоени и две титули првак на Европа (2005 и 2019), трофеј и во Купот на УЕФА (2001), но она што недостигаше и што толку многу беше посакувано е титулата во Премиер-лигата.
Покрај фудбалерите, на чело со Хендерсон, Садио Мане, Мохамед Салах, Роберто Фирмино, Вирџил ван Дајк, Алисон Бекер, Трент Александер-Арнолд, Ендрју Роберстон и другите, големи заслуги одат и на сметка на Клоп, кој го прероди Ливерпул. Кога ја презеде менаџерската функција во октомври 2015 година, тимот имаше само една победа на претходните девет меча, а на 11 натпревари постигна само 11 гола. Во следните години Ливерпул стана европски, светски и англиски првак.