Кевин де Брујне

Тој е првиот фудбалер што три сезони забележува најмалку по 15 асистенции

Белгиецот Кевин де Брујне од Манчестер сити испиша нова страница во историјата на англиската Премиер-лига, станувајќи првиот фудбалер со 15 или повеќе асистенции во три одделни сезони. Во сезоната 2016/2017 Де Брујне имаше 18, а во 2017/2018 оствари 16 асистенции. Годинашната, 15-та асистенција, Де Брујне ја забележа при победничкиот гол на Серхио Агуеро, на мечот на гости против Шефилд јунајтед, за 1-0.

Ако продолжи со овој ритам, Де Брујне има шанса да го достигне, па и да го престигне, францускиот интернационалец Тиери Анри од Арсенал, кој во сезоната 2002/2003 забележа рекордни 20 асистенции во Премиер-лигата. Покрај асистирањето, Де Брујне (28) сезонава постигна и седум гола, само еден помалку отколку пред две сезони, рекордни за него во оваа конкуренција.

– Тој е извонреден играч, има посебна визија. Јас само го потсетувам дека треба да постигнува повеќе голови – вели неговиот менаџер Пеп Гвардиола.
Вкупно најмногу асистенции во историјата на Премиер-лигата има Рајан Гигс, 162, од 1992 до 2014 година. Зад него се Сеск Фабрегас со 111, Вејн Руни со 102, Франк Лампард со 102, итн. Де Брујне е 20-ти со 61 асистенција.