На состанокот на претседателите на федерациите и на клубовите-учесници во елитните натпреварувања на ЕХФ, главна тема било прецизирањето на новиот систем на натпреварување во ЛШ и во новововедената ЛЕ, но се разговарало и за намалување на обемот на топката и за намалување на бројот на додавања по сигнализацијата на судиите за пасивна игра од шест на четири

Во рамките на 14-то Европското првенство за мажи што вчера заврши во Стокхолм (Шведска) се одржа состанок на претседателите на федерациите и на клубовите-учесници во елитните натпреварувања на Европската ракометна федерација (ЕХФ). Главна тема на состанокот беше прецизирање на новиот систем на натпреварување во Лигата на шампионите (ЛШ) и новововедената Лига Европа (ЛЕ), а меѓу другото на состанокот се разговарало и за намалување на обемот на ракометната топка и за намалување на бројот на додавања по сигнализацијата на судиите за пасивна игра од шест на четири.

Во новата сезона, ЛШ ќе биде составена од 16 наместо досегашните 28 екипи, а местата ќе се распределуваат според клупскиот рејтинг на земјите. Земјите што се рангирани од првото до деветтото место имаат по едно загарантирано место во елитното друштво. Како најдоброрангирана, Германија ќе добие уште едно место, а за преостанатите шест места ЕХФ ќе подели т.н. вајлд-карти, според претходно утврдените критериуми за гледаност, организација, маркетинг и др.

Благодарение на клупските успеси и константноста од учество во елитните натпреварувања на ЕХФ, Македонија ја има третата позиција на рејтинг-листата, веднаш зад Франција и зад Германија, што ѝ носи едно место во ЛШ и три места во ЛЕ.

Новоформираната ЛЕ ќе има 24 екипи во системот на натпреварување, а распределбата на местата ќе биде следна: пет места за земјите рангирани од првото до деветтото место (второ или третопласирани во домашните првенства), шест екипи од земјите рангирани од 10-то до 16-то место што немаат претставник во ЛШ, а преостанатите места ќе се обезбедуваат преку квалификации. Досегашниот Куп челинџ во новата сезона ќе го носи името Куп на ЕХФ. Во него ќе учествуваат 32 екипи, кои ќе играат според нокаут-систем.

На состанокот во Стокхолм е потврдено дека учесниците во машкиот фајнал-фор во Келн ќе поделат еден милион евра според претходно утврден критериум, а девојките што ќе играат во завршницата во Будимпешта ќе поделат 500.000 евра. Челниците на ЕХФ заедно со претседателите на федерациите и клубовите направија и измени во календарот за одигрување на натпреварите во елитните натпреварувања. Во следната сезона машката ЛШ ќе се игра во средите или четвртоците, натпреварите од ЛЕ ќе се играат во вторниците, а Купот на ЕХФ и ЛШ за жени ќе се играат во саботите и во неделите.