Шеснаесетте селекции ќе поделат 16 милиони евра, што е двојно повеќе од парите што беа распределени на минатото ЕП 2017 во Холандија

Европската фудбалска унија (УЕФА) двојно го зголеми наградниот фонд за репрезентациите што ќе настапат на Европското првенство (ЕП) за жени во 2022 година. Англија ќе биде домаќин на завршниот турнир што ќе се одржи од 6 до 31 јули следната година, на 10 стадиони. Шеснаесетте селекции ќе поделат 16 милиони евра, што е двојно повеќе од осумте милиони евра што беа распределени на минатото ЕП 2017 во Холандија, пишува „Би-би-си“.
Оваа промена на УЕФА е дел од женската фудбалска стратегија „Време за акција“, за да се обезбедат и да се дистрибуираат повеќе пари во женскиот фудбал. За споредба, вкупниот награден фонд на ЕП 2020 за мажи беше 371 милион евра распределен помеѓу 24 тима.
Извршниот комитет (ИК) на УЕФА го одобри зголемувањето на паричната награда за женското ЕП, заедно со новиот модел на дистрибуција, со вклучени бонуси базирани врз перформансите во групната фаза. УЕФА, исто така, го одобри планот со кој 4,5 милиони евра ќе им бидат достапни на европските клубови како награда за ослободување на нивните играчи за турнирот. Турнирот првично беше закажан за годинава, но беше одложен, делумно за да се направи простор за презакажаното ЕП за мажи и за Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио, кои беа одложени за една година поради пандемијата на коронавирусот.
На почетокот од годинава, Фудбалската асоцијација (ФА) на Англија објави планови за продажба на рекордни 700.000 билети, со што турнирот треба да биде најголемиот женски европски спортски настан досега. Финалето е закажано на стадионот „Вембли“ во Лондон, на 31 јули.