Реванш-мечот Ривер – Бока што требаше да се одигра во саботата одложен е на неодредено време, а како можни сценарија се натпреварот да се игра пред празни трибини или титулата да ѝ биде доделена на Бока
Историскиот дуел, финалето во Копа либертадорес, прво меѓу големите аргентински ривали, Бока јуниорс и Ривер плата, од два величествени натпревари, се претворија во крвава пресметка на улиците на Буенос Аирес, за среќа, без човечки жртви. Саботниот реванш-меч (првиот заврши без победник, 2-2) со Ривер во улога на домаќин, требаше да биде најголемиот клупски натпревар во 127-годишната историја на аргентинскиот фудбал, најголемиот во светот на клупскиот фудбал годинава. Но тој меч не се одигра, одложен е на неодредено време.
Автобусот со играчите на Бока бил нападнат од навивачи на Ривер со тврди предмети, по што интервенирала полицијата. Во целата мешаница двајца играчи на Бока завршиле во болница. Бока не побара конкретни казни за Ривер, но во Статутот на Јужноамериканската фудбалска асоцијација (КОНМЕБОЛ) постои спектар санкции, како казни, поништување натпревар, играње на мечот зад затворени врати и дури неиграње на мечот. Едно од можните сценарија е натпреварот да се игра пред празни трибини или, како најлошо сценарио за Ривер, титулата да ѝ биде доделена на Бока. Победникот треба да настапи на Светското клупско првенство во декември и има три недели за да се добие првакот. Бока досега шест пати била првак на Јужна Америка, а Ривер трипати.
– Ова е тажен ден за јужноамериканскиот фудбал. КОНМЕБОЛ сочувствува со играчите, со нивните семејства и со сите засегнати. Она што требаше да биде спортски настан за уживање и за споделување на најдоброто од фудбалот во Јужна Америка се претвори во срамота – изјави Алехандро Домнингез, претседателот на КОНМЕБОЛ.
Неволјите со овој историски двомеч почнаа пред првиот натпревар на стадионот на Бока, на 10 ноември. Обилниот дожд што паѓаше без престан повеќе од 16 часа го претвори теренот во езеро по што следуваше одложување за 24 часа. За среќа, дождот престана и следниот ден се одигра тој меч на кој имаше многу емоции, возбудувања, а паднаа и четири гола. Пред реваншот навивачите на Бока, кои не смееја да го следат реваншот (како и на Ривер првиот дуел), на своите миленици им приредија невиден спектакл, на стадионот на последниот тренинг пред реваншот се собраа над 50.000 луѓе, а пред затворените врати на стадионот останаа уште неколку илјади.
Цела недела пред реваншот навивачите на двата тима се жалеле на несоница поради стравот од пораз во финалето, што изгледаше поголем од помислата за победа. Побарувачката за билети очекувано била многу голема, на црниот пазар чинеле вистинско богатство, а претседателот на Ривер плата, Родолфо Д’Онофрио бил принуден да го смени профилот на Ватсап и да стави само „Немам билети“.