Александар Неделковски

Неделковски освои сребро во сениорска и со бронза во јуниорска конкуренција во кати, а Ацковски (двајцата од Металург) со сребро меѓу јуниорите во борби на силниот турнир во Хрватска

Блеснаа на силниот меѓународен карате-турнир „Гранпри Кроација“, кој викендов се одржа во хрватскиот град Самобор, во конкуренција на 1.397 натпреварувачи од 24 држави. Младите каратисти на повеќекратниот првак на Македонија, Металург, Александар Неделковски (16) во кати и Роберто Ацковски (18) во борби, освоија вкупно три медали на татамите.

Неделковски освои сребро во сениорска и со бронза во јуниорска конкуренција, а Ацковски освои сребро меѓу јуниорите (и двајцата со по четири победи и еден пораз).
Неделковски, кој е дел од проектот „Спортска надеж 2014“. кој финансиски го поддржува Агенцијата за млади и спорт (АМС), верува дека може да стигне до олимписките татами, но само со голема посветеност и упорност на тренинзите.
– Задоволен сум од постигнатиот успех во Самобор, уште повеќе што сум првиот каратист во кати од Металург, кому засега му успеало да освои медал од овој престижен турнир во сениорска конкуренција. Секако дека патот до сениорскиот медал беше потежок отколку јуниорскиот, а овој успех само повеќе ќе ме мотивира пред настапот на ЕП за јуниори во февруари, на кое очекувам да освојам медал, а можно е и злато. Со напорни тренинзи, кои една недела ќе ги одработам во Хрватска, со тренерот Стефан Цветановски, а потоа ќе продолжам во Скопје, верувам дека ќе ја остварам посакуваната цел. Во Металург сум околу четири и пол години, катите ги засакав уште од мали нозе, а имам и голема поддршка од моите родители и тренерот на Металург, Мирче Јанушевски – вели талентираниот Неделковски.

Тој вкупно десет години бил државен првак во кати во кадетска и во јуниорска конкуренција, а може да се пофали и со бронза (јуниори) и сребро (кадети) од балканијадите, седмо место на кадетското ЕП во Сочи лани, седмо место во Младинската јуниорска лига во Умаг и други.

Ацковски во Металург е веќе седум години, а досега има вкупно шест титули државен првак во кадетска и во јуниорска конкуренција, бил вицепрвак во сениорска конкуренција, балкански првак во 2015 година, но и тагува за пропуштената можност за влез во полуфиналето на СП во Тенерифе, кога бил дисквалификуван од судиите на три секунди до крајот, при водство со 6-4.

– Во Хрватска заминав за да освојам медал, оти во последниов период имав мал пад во формата. Среброто за мене е голема мотивација за во иднина, бидејќи успеав да влезам во финалето. Полуфиналната борба ми беше најтешка кога ги одмерив силите со претставник од Унгарија и кого го победив со 3-2, а во финалето минимално со 0-1 загубив од европскиот првак, Хрватот Лука Контиќ. Следен предизвик ми е Државното првенство за сениори, кое, пак, е квалификациско за ЕП во Шпанија. Цврсто сум убеден дека ќе патувам на тоа ЕП – вели Ацковски.

Во Самобор медали уште освоија, злато: Петар Спасеновски (постари јуниори) и Бојан Костов (кадети), сребро: Абдурахим Идризи (постари јуниори), Андреј Ангеловски (млади кадети), Пуликсенија Јованоска (сениори) и Столе Смилковски (јуниори), а бронза: Петар Заборски (сениори), Ангела Мојсовска (постари јуниори), Глигор Петков (јуниори) и Стефан Стојановиќ (кадети). 

Роберто Ацковски (во средина), со тренерите Мирче Јанушевски (десно) и Ламбро Никовски