Фото: Емил Јовановиќ

Едно реми, една победа и два пораза е епилогот на македонските екипи во 6-то, претпоследно коло на 36. Европски клупски куп (ЕКК) во шах, што се игра во х. „Изграв“ во Струга. Алкалоид (прворангиран тука), одигра нерешено 3-3 со чешки Нови Бор (3), а сите партии завршија со реми. Прилеп (17) го совлада Гамбит Асеко СЕЕ (16) со 3,5-2,5, додека Гостивар (31) загуби со 0,5-5,5 од белгиски Фиртцвелд (14). Дерби-мечот на првата маса го доби руски Медни Всадник кој со 3,5-2,5 ја совлада шпанска Валенсија.

Утре, во последното коло, во дуелите за врвот, силите ќе ги одмерат: Медни Всадник – Хтракон, Нови Бор – Валенсија и Вугар Гашимов – Алкалоид. Од македонските претставници, Прилеп ќе игра против исландски Селфос, Гамбит Асеко СЕЕ со шведски Стохолм, а Гостивар со ирски Гонзага.

Фото: Емил Јовановиќ

На коло до крајот води Медни Всадник со 11 бода, бод помалку имаат Нови Бор и дански Хтракон, Алкалоид е четврти со 9 бода, колку што имаат Валенсија и азербејџански Вугар Гашимов на 5-то, односно 6-то место. Прилеп е 12-ти со 8 бода, Гамбит Асеко СЕЕ 18-ти со шест, а Гостивар е 30-ти со 4 бода.

Во женска конкуренција, една победа и два пораза на македонските клубови. Први два екипни бода впиша скопски МШК Центар (5) убедливо совладувајќи го словенечки Тајфун (7) со 3,5-0,5, додека Алкалоид (4) загуби со 0,5-3,5 од руски Јужен Урал (3), а Куманово (8) со 0-4 од Монте Карло (1). Австриски Баден (6) и украински ГРЕКО (2) одиграа без победник 2-2.

На табелата води Јужен Урал со 12 бода, ГРЕКО има 10, Монте Карло 9, Баден 7, Алкалоид и Куманово по 3, a Тајфун и МШК Центар по два.

Г.И.