Животни

Со пролетта, која секогаш е добра вест за сопствениците на домашни миленици бидејќи значи подолги прошетки и поминување повеќе време во дворот или парковите, доаѓаат и разни неволји. Експертите предупредуваат дека одредени пролетни цвеќиња и растенија – внатре и надвор од домот – можат да бидат штетни за нашите четириножни пријатели и треба да се избегнуваат, а некои може да доведат до стомачни тегоби, повраќање, чешање и понекогаш посериозни инциденти, како на пример срцев удар. Крег Вилсон, коосновач, директор и експерт за внатрешно градинарство, открива на кои цвеќиња треба да внимавате во вашиот дом и градина.
Нарциси: Тие се отровни и за кучињата и за мачките, содржат штетна состојка наречена ликорин, која може да предизвика стомачни болки и дијареја. Иако не е вообичаено, понекогаш може да предизвика низок крвен притисок и колапс. Вашето милениче не мора да го консумира ова растение за да биде изложено на ризик. Дури и водата од вазна во која стоеле нарциси може да биде отровна ако ја пие.
Лалиња: За разлика од многу други цвеќиња каде што отровот е главно во цветот, кај лалето е присутен во сите делови, како што се стеблото и лисјата. Ако вашето куче го консумира, тоа може да доведе до несакани ефекти, вклучувајќи дијареја, па дури и депресија.
Зумбули: Од исто семејство како и лалињата, тие содржат слични супстанции и може да предизвикаат слични симптоми. Поради високата концентрација во главата на растението, кога се јаде во големи количества, може да предизвика повраќање и проблеми со дишењето во потешки случаи.
Перуника: Таа можат да предизвика иритација ако вашето домашно милениче ја внесе или допре, а примарната токсична состојка што може да ги предизвика овие непријатни несакани ефекти е ирисинот, најмногу концентриран во цветот и во коренот. Ова растение може да биде особено опасно за домашни миленици што сакаат да копаат.
Хортензии: Тие можат да бидат токсични за кучињата бидејќи содржат супстанција наречена цијаноген гликозид, што може да предизвика ослободување цијанид при џвакање. Иако треба да се внесе многу од растението за да се случи тоа, малите несакани ефекти вклучуваат повраќање, дијареја и губење на апетитот.
Бршлен: Поради своите тритерпеноидни сапонини, оваа билка може да биде токсична за мачките и кучињата. Листовите на бршленот се поотровни од бобинките. Ако се проголта, може да предизвика многу проблеми, вклучувајќи хиперсаливација, болки во стомакот, повраќање и дијареја.