Здрава храна

Исхраната богата со зеленчук, интегрални житарки и грашок може да го намали ризикот од развој на рак на дебелото црево кај мажите за повеќе од една петтина, покажа опсежна американска студија.
Новото истражување на 79.950 мажи во САД покажа дека групата што консумирала најголеми количества здрава растителна храна имала 22 отсто помал ризик од развој на рак на дебелото црево во споредба со оние што јаделе најмало количество таква храна.
– Колоректалниот карцином е трет најчест карцином во светот. Тој ги погодува секој 23-ти маж и секоја 25-та жена во светот – вели научникот Јихје Ким од јужнокорејскиот универзитет „Кјунг Хи“.
Истражувањата покажаа дека лошата исхрана е еден од главните фактори на ризик за рак на дебелото црево. За среќа, постојат многу намирници што можеме да ги вклучиме во секојдневната исхрана за што полесно да се избориме со оваа смртоносна болест. Како што објаснуваат нутриционистите, внесувањето одредени намирници може да го намали ризикот од рак на дебелото црево, а тоа се: грав, мешунки, бобинки, јаткасти плодови, моркови, спанаќ и брокула.
Овој тим на научници заклучува дека врската помеѓу исхраната и развојот на рак на дебелото црево е појасна кај машката популација, каде што ризикот од овој тип на рак е поголем. За целите на студијата, објавена во списанието „БМЦ медисин“, испитаниците одговориле на неколку прашања: колку често јадат одредена храна и консумираат пијалаци од списокот со повеќе од 180 ставки, како и големината на порциите.
Се претпоставува дека антиоксидантите од храната, како овошје, зеленчук и цели зрна, придонесуваат за намалување на ризикот од развој на рак на дебелото црево, бидејќи тие го потиснуваат развојот на хронично воспаление, што може да резултира со рак.
Со оглед на тоа што е забележан поголем ризик од рак на дебелото црево кај мажите отколку кај жените, веруваме дека резултатите од студијата би можеле да придонесат да се разјасни зошто консумирањето поголеми количества здрава растителна храна е поврзано со намален ризик од рак на дебелото црево кај мажите, но не и кај жените.