Фото: Пиксабеј

Техно

Откако прескокна цела година, компанијата „Епл“ планира целосно да ја освежи својата линија на ајпед.
Новинарот на „Блумберг“, Марк Гурман, наведува дека „Епл“ не претставил нов ајпед во текот на 2023 година, што никогаш не се случило во историјата на овој уред. Иако до крајот на годината остануваат помалку од два месеца, Гурман верува дека нема да го видиме новиот ајпед. Тој тврди дека „Епл“ планира да ја освежи целата линија на ајпед во 2024 година.
– „Епл“ можеби се обиде да ги забрза работите и да претстави повеќе производи, но подобрените ајпеди и слушалките ерподс сè уште не се подготвени за пазарот. Компанијата планира да ја освежи линијата на ајпед во текот на 2024 година – рече Гурман.
Тој не прецизираше за кои модели станува збор, но „целата линија“ треба да ги вклучува ајпед мини, ајпед, ајпед ер и ајпед про. Сите овие уреди беа освежени во 2022 година, освен ајпед мини, кој ја доби најновата верзија во 2021 година.
Гурман тврди дека новите ерподс-слушалки ќе пристигнат следната година, додека ерподс про нема да ги видиме до 2025 година.
„Епл“ неодамна претстави три нови процесори, М3, М3 про и М3 макс, но компанијата се подготвува да лансира уште помоќен М3 ултрапроцесор. Сепак, овој процесор сѐ уште не е во фаза на пошироко тестирање.
Што се однесува до мекбук, следната година се очекуваат новите 13 и 15-инчни мекбук ер, како и мек мини.