Медицински совет

Зголемените летни температури, кои резултираат со зголемена телесна температура, а потоа и со потење, можат да доведат до прекумерно губење на телесните течности, односно дехидратација на организмот. Симптомите на дехидратација се: главоболка, сува кожа, сува уста и јазик со густа плунка, забрзана работа на срцето, грчеви во нозете и рацете, мачнина и повраќање. На дехидратација особено се чувствителни децата, постарите луѓе и лицата со послаб имунитет. Поради тоа во лето треба да се води сметка за правилната и доволна хидратација на организмот.
Освен водата, зголемената потреба за течност во лето може да се надомести со секојдневно јадење овошје и зеленчук богати со вода (лубеница, диња, јагода, праска, домати, краставица, пиперка, зелена салата…) и цедени неразблажени овошни сокови, ароматизирана вода, изотонични пијалаци, особено ако имате зголемена физичка активност. Можат да се пијат и ферментирани млечни производи со низок процент на масти, но и супи и чорби од зеленчук, кои исто така ќе ги надоместат електролитите изгубени со потењето.
Секако, водата е најдобра за рехидратација без дополнителни калории. Во текот на летните месеци пијте од шест до 10 чаши вода на ден, секако, количеството приспособете го на физичката активност. Внимавајте, бидејќи во лето организмот бара лесно сварлива храна, богата со влакна. Се препорачуваат три главни оброци и две ужини, за да се забрза метаболизмот и да се поттикне варењето.