Весникот „Нова Македонија“ често е дел од кадрите на филмови, серии, спотови, фотосесии, објави на инфлуенсери… Неодамна печатеното издание на весникот се најде во сцена од новата турска серија „Балканска приказна“, која се емитува на ТРТ 1, секој вторник, од 20 часот по турско време. Серијата се снима во Скопје од Националната телевизија на Република Турција. Во серијата се отсликуваат делови од животот на две семејства, турско и македонско, кои живеат од двете страни на реката Вардар, доловувајќи ги шарените културни традиции на два различни народи.
„Балканска приказна“, една од најамбициозните продукции за Турција снимена во странство по долги години, по сценарио на Угур Узунок, сценаристот на „Долина на волците“, започна со прикажување на првата епизода на ТРТ1 од 1 јуни. Гала-промоција се одржа и во Скопје, со прикажување на првата епизода од серијата во „Куршумли-ан“ во Старата скопска чаршија.
Исто така, страниците на весникот беа дел и од видеоспотот за песната „Не волиш“ на пејачката Мартија Станојковиќ, каде што низ ритамот на песната насловната страница се појавува во неколку кадри.
Музиката и аранжманот се на нашиот хит-мејкер Дарко Димитров, додека текстот е на Владимир Даниловиќ. Режијата е на Томислав Живковиќ и Мартија Станојковиќ, додека камера и монтажа се дело на Томислав Живковиќ. Во спотот се појавува и моделот Андреј Пајмакоски.