Фото: Пиксабеј

Медицински совет

Здравјето на срцето е многу важно. Многу фактори можат сериозно да влијаат на состојбата на нашето срце, како што се храната и пијалаците што ги консумираме, колку сме активни и дали редовно имаме нездрави навики, како што се пиење алкохол и пушење цигари.
Добропознати се двата главни симптома на срцев удар, а тоа се силни болки во левата рака и, секако, болка во градите. Но, всушност, постои еден симптом што може да се појави, кој луѓето често го игнорираат, а тоа е гадење. Тоа може да биде знак дека се случува срцев удар, но многу е мала веројатноста да биде единствениот симптом што ќе се појави, па следниот пат кога ќе почувствувате мачнина, не паничете. Најчесто, гадењето ќе биде предизвикано од нешто помалку сериозно, како што е труење со храна или грип.
Ако се појави со симптоми како што се отежнато дишење, палпитации, болка во градите, стегање и притисок или болка што се шири на други делови од телото, како вилицата или грбот, тогаш тоа може да биде причина за загриженост.
Кардиологот Шон Хефрон објаснува дека симптомите што се јавуваат во желудникот може да се појават донекаде во зависност од тоа кој крвен сад во срцето е засегнат.
– Не е невообичаено да се доживеат гадење и повраќање за време на срцев удар. Но тоа се симптоми што почесто ги погодуваат жените отколку мажите. Според Британската фондација за срце, 33 отсто од жените имале болки што се ширеле во вилицата или грбот, а имале и поголема веројатност да доживеат гадење со болка во градите при срцев удар – вели кардиологот.
Ако мислите дека чувствувате симптоми на срцев удар, мора да повикате брза помош без одложување, бидејќи раната интервенција дава најдобри шанси за закрепнување. Важно е да останете смирени и да се одморите за да избегнете непотребно оптоварување на срцето.