Годинашната тема на 60-то издание на традиционалното престижно Венециско ликовно биенале во дисциплината ликовна уметност е „Странци насекаде“, под кураторство на Адријано Педроса. Како што вели самиот куратор, концептот се однесува на глобалната состојба, која се карактеризира со голем број кризи поврзани со движењето на поединци низ земји, нации, територии и граници. Овие кризи ги истакнуваат опасностите и предизвиците поврзани со јазикот, преводот и етничката припадност и ги откриваат варијациите и нееднаквостите под влијание на фактори како што се идентитетот, националноста, расата, полот, сексуалноста, богатството и слободата.
Темата на годинашното биенале „Странци насекаде“ се однесува на истоимената група анархисти од Торино, кои во текот на раните 2000-ти години се бореа против расизмот и ксенофобијата во Италија, а беа и инспирација за уметникот/колективот Клер Фонтејн за серија дела – неонски скулптури на кои е испишана оваа фраза на различни јазици.
Кураторот на 60-то биенале, Адријано Педроса, говорејќи на темата, истакна дека англискиот збор странец – личност што доаѓа од друга земја – се поврзува со зборот странец (непознато лице), кој во нашиот јазик е синоним и за двете – странец. Тоа го формира столбот на изложбата. Се однесува на сите малцинства, отфрлени, маргинализирани луѓе и „аутсајдери“, но и на оние „автохтони“ автори, кои се чувствуваат како странци во сопствената средина.
Македонија ќе биде претставена со проектот „Помеѓу надеж и страв“ на нашата уметница Славица Јанешлиева. Комесарка на проектот е Дита Старова Ќерими, директорка на Национална галерија, а кураторка е Ана Франговска, виш кустос во Националната галерија. Локацијата на павилјонот е истата како и последните две сесии на 59. ликовна изложба, како и на последното архитектонско издание, на одлична и прометна локација Санта Кроче 131 A.