Реституцијата е наше фундаментално право

Се претпоставува дека има над сто илјади предмети што биле пронајдени на македонско тло, а на разни начини биле однесени од земјата и сега ги красат музеите низ светот. Според сите меѓународни конвенции имаме легитимно право да си ги бараме тие артефакти назад. Од осамостојувањето (повеќе од три децении), во Македонија ова е прва реституција на одлеаното културно богатство, иако ги имаме потпишано речиси сите меѓународни конвенции во кои се третира тоа прашање. Јасно е дека тоа не е лесен процес и дека е клучна добрата волја на соседните држави,
но тоа не значи дека треба да застанеме тука

Музеите во изминатата 2023 година не успеаја да се вратат на состојбата пред ковидот, големите изложбени проекти не ги надминаа предизвиците на времето, како што потврди традиционалниот годишен преглед на Музејскиот центар за документација (МДЦ). Во извештајот се потсетува на најважните настани на годината, од блокбастер-изложбите и скандалите на меѓународната ликовна сцена до нападите на активистите и влијанието на војните врз културното наследство. Според извештајот, меѓу најважните настани во светот на уметноста била изложбата на Вермер во амстердамскиот „Ријкмузеј“, со изложени 28 од неговите 37 постојни дела, која за 16 недели имала дури 650 илјади посетители. Годината се издвоила и по зголемениот број изложби на жени уметници – Џорџија О’Кифи во МОМА, Магдалена Абаканович во „Тејт модерн“, Нан Голдинг во „Стеделијк“… Во 2023 година продолжија и активистичките напади врз музеите, што кулминира со кршењето на заштитното стакло на „Венера“ на Веласкез од Националната галерија во Лондон.
Сепак, како што се наведува во заклучокот на Музејскиот центар за документација, најприсутна тема што ќе продолжи да биде актуелна и годинава е реституцијата – враќањето на артефактите од културното наследство, распослани низ големите музеи на Западот, а пренесени за време на Втората светска војна, како и оние во времето на колонијализмот. Реституцијата е горлива тема, особено поради фактот што нејзината реализација се одвива многу тешко.
Македонија за првпат во својата историја кон крајот на изминатата година ја имаше првата успешна реституција на 20 украдени македонски икони што се наоѓаа во Албанија. Дваесетина на број, иконите во импозантна големина, прикажуваат светци и епизоди од христијанството. Иконите биле украдени од македонските цркви во западните делови на земјата, а откриени пред десетина години по обемна акција на албанската полиција. Ова е првпат во нашата држава успешно да заврши реституција на културно наследство. Ова е и првпат во регионот да се случи враќање на украдено заштитено културно добро, а и еден од ретките случи во светот, воопшто. Сега се најавува враќање уште на 37 идентификувани икони од Албанија, украдени од македонските цркви и манастири во периодот од 2008 до 2013 година. Сепак, иницијативата треба да се прошири и на други земји, барем на оние од регионот.
Не е новина дека највредните артефакти од охридско Требениште, како бронзениот кратер, златните маски, златни сандали, пехари и други вредни предмети, се дел од збирката на Народниот музеј во Белград. Кога пред повеќе години беа изложени во престижната „Палата Квиринал“ во Рим беа означени како предмети „без точно потекло“. Тоа што понекогаш во збирките на одредени музеи или, пак, во публикуваните каталози се посочуваат артефактите и нивното местото на наоѓање, но не и земјата од која потекнуваат, остава простор за погрешно толкување на предметите во научен, но и во политички контекст. И во другите музејски поставки и во Белград и во Софија под артефактите од територијата на Македонија не е назначена државата, туку само локалитетот.

Вкупно 257 предмети најдени на локалитетот Требениште се наоѓаат во Србија, а Македонија досега не поднела ниедно барање за реституција на предметите што се чуваат таму а се најдени на територијата на Македонија. Во Народниот музеј во Белград има ретки и исклучително вредни предмети што потекнуваат од Хераклеја, Стоби, Требеништа и од други локалитети во Македонија. Овој музеј ги чува и двете златни маски пронајдени на локалитетот Требениште, Охридско, третата златна маска се наоѓа во Софија, а четвртата ја чуваме ние. Речиси сите вредни наоди во периодот помеѓу двете светски војни се однесени во Србија и во Бугарија, а меѓу највредните се археолошките. Со сигурност е утврдено и дека две величествени бронзени фигури на сатири, најдени во Стоби, денес ги красат витрините на белградските музеи.
Одлевањето на културното богатство од Македонија официјално почнало во балканските војни, а со несмалена жестина трае и денес. Во Кралството СХС, белградскиот музеј почнал организирано ископување на целата територија на Македонија. Не се знае што друго е однесено.

Податоците се чуваат како најголема државна тајна. По Втората светска војна почнува организирана домашна музејска дејност. Но и тогаш имаме „легален“ одлив во форма на подароци на заслужните другари од партијата од општинско до сојузно ниво. За време на посетата на Тито и Хрушчов по скопскиот земјотрес, со највисока партиска наредба на двајцата им се подарени многу вредни икони. Едната е во „Ермитаж“, а втората во музејот „25 Мај“. Денес вкупно 258 предмети се чуваат во Археолошкиот музеј во Софија, а само малку повеќе (380) во Заводот и музеј во Охрид.
Прво треба да се подготви прецизно дефиниран список на артефакти. Се претпоставува дека има над сто илјади предмети што биле пронајдени на македонско тло, а на разни начини биле однесени од земјата и сега ги красат музеите низ светот. Според сите меѓународни конвенции имаме легитимно право да си ги бараме тие артефакти назад. Од осамостојувањето (повеќе од три децении), во Македонија ова е прва реституција на одлеаното културно богатство, иако ги имаме потпишано речиси сите меѓународни конвенции во кои се третира тоа прашање. Јасно е дека тоа не е лесен процес и дека е клучна добрата волја на соседните држави, но тоа не значи дека треба да застанеме тука.