Случајот „М-НАВ“

Развојот и евентуалната разврска на случајот со скандалозниот упад во кулата на контролата на летање на скопскиот аеродром уште еднаш флагрантно ја демонстрираат слабоста на македонското правосудство, кое потклекнува пред политичко-партиските калкулации и влијанија. Без оглед на одлуката на Владата за (не)разрешување на раководството на М-НАВ, кое не презема ни мерки ни одговорност за упадот, одложувањето на преземењето какви било правни, па и политички дејства за барање одговорност, доволно сериозно повторно го компромитира и така компромитираниот судски систем, со доверба од 1-2 отсто.
И покрај ноторната недоверба во судството, одлуката на Кривичниот суд да ги ослободи функционерот на ДУИ, Незири, и неговата дружина за упадот во М-НАВ ја загрижува македонската јавност, особено ако се земат предвид индикациите за тежината на направените поведенија. Имено, Кривичниот законик експлицитно ги наведува санкциите за делата чија последици е тешко загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај. Но разочараноста и загриженоста на јавноста произлегуваат од укажувањата на правните експерти дека се чини оти судот селективно ги толкувал членовите и Кривичниот законик, што довело до одлука со која на обвинетите им се дозволува да бидат пуштени во домашен притвор, со образложение-изговор дека со упадот не била загрозена безбедноста на воздушниот сообраќај и простор.
Ваквата одлука на Кривичниот суд повторно ги насочи „рефлекторите на јавноста“ врз состојбата, окарактеризирана од порано, како „партизирано судство“!
Во еден таков контекст се наметнаа и прашањата дали партизираниот суд може воопшто да ја спроведува правдата или е само во служба на заштита на „привилегираните и недопирливите“, особено како што се одредени персони, во овој случај на М-НАВ. Како судовите да се ослободат од партиските стеги и конечно да почнат да судат според словото на законот?

– Целиот судски систем така е поставен, за да поминуваат такви селективни толкувања на законите и „фрлање магла“ врз правдата. Овој скандалозен случај во М-НАВ уште еднаш покажа колку е густа политичко-партизираната магла во македонското судство. Навистина, понекогаш таа магла се пробива за некој банален случај (доколку учесниците во случајот немаат партиски контекст), колку да се прикаже дека законите функционираат. Но, главно, тешко се доаѓа до правата вистина и вистинската правда, дури и во најочигледни случаи на прекршување на законите. За вистинска правда, за спроведување на одлуките, мора да се почитуваат правилата на постапката. Правдата во голема мера произлегува токму од почитување на правилата и процедурите на постапката. Со нивно прекршување, релативизирање и селективно толкување – правдата е компромитирана. Надежта за судовите да се ослободат од партиските стеги и конечно да судат според словото на законот може да биде реална само со нови, некомпромитирани луѓе во судските институции, кои со чесност и посветеност бескомпромисно ќе се борат за правдата – вели Дане Илиев, поранешен претседател на Врховниот суд на Македонија.