Третото издание на „Поетска епизода“ ќе се случи в среда, во 20.30 часот, како дел од програмата „50 години МКЦ“.
Ана Стојаноска, Калиа Димитрова, Дамјан Златановски, Љубица Шопова и Биљана Стојановска во последната епизода за годинава ќе читаат поезија посветена на почетоците, краевите и промените, како карактеристични поими што ја одбележаа и 2022-та.
Настанот, како и секогаш, ќе го модерираат младите поети Андреј Медиќ Лазаревски и Ивана Јовановска, со поддршка од МКЦ-Скопје.
„Поетска епизода“ е нов концепт на поетски средби, во обид да се збогати културната содржина на градот и да се чита убава поезија. Секој настан има флуиден карактер и поинаква тема. Целта на настанот е поетите активно да пишуваат и да се охрабрат погласно и посмело да читаат, а кај публиката да се зголеми интересот за читање (и пишување) поезија.